Мицкоски и ВМРО-ОКГ ја оставаат Македонија изолирана, а паралелно се обидуваат да воспостават медиумски мрак во државата, нагласи членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, во гостувањето во „Вести плус“ на телевизија Канал 5.
Фрчкоски посочи дека власта свесно не сака Македонија да ја придвижи кон Европската Унија, туку сака државата да остане изолирана, бидејќи така ѝ одговара на власта на ВМРО.
Тој додаде дека една од причините е тоа што се плашат од европските стандарди, кои значат и поголема контрола врз власта, вклучително и преку европските институции за борба против корупцијата и организираниот криминал.
„Во Европската Унија имате европско обвинителство. Не можете да функционирате на телефон со луѓето од судско-обвинителската фела и да влијаете преку собраниска говорница на нарачување на процеси“, рече Фрчкоски.
Фрчкоски во интервјуто предупреди дека, паралелно со изолацијата од Европската Унија, Мицкоски создава услови за медиумски мрак. Во македонскиот медиумски простор дополнително влегуваат медиумски групации поврзани со српскиот политички простор.
„Во едно такво демократско окружување не може да дозволите медиумски мрак и не може така лесно да ви влегуваат во медиумскиот простор медиуми што, практично, дополнително на овие 40% Орбанови медиуми што веќе ги имаме во државата, преку српскиот свет на СНС, сега почнуваат практично да влегуваат во просторот на Македонија и што имаат единствена цел да функционираат по нарачка на власт“, рече Фрчкоски.
Тој, како пример, го посочи начинот на кој функционираат истите медиумски групи во Србија и предупреди дека нивното присуство во Македонија може да има иста политичка функција - медиумскиот простор да се стави во служба на власта.
„Видете што се случува во Србија. Видете ги истите овие медиумски групи, како функционираат и како го токсифицираат, во име и за сметка на владејачката партија на Србија, медиумскиот простор таму. Што мислите дека со луѓето што се во позадина, предвидени да ги водат медиумите тука, нешто различно ќе се случува“, рече Фрчкоски.
Фрчкоски укажа дека опасноста е медиумскиот простор во Македонија дополнително да се стави под контрола на медиуми што ќе работат во интерес на власта и на туѓи, странски интереси.
„Јас само се плашам дека она што го говориме, 40% Орбанови медиуми, што е факт, ќе стане 50, 60, 70%“, рече Фрчкоски.