Неколку часа откако саудиските власти упатија предупредување до жителите на Ријад за воздушна опасност, во близина на меѓународниот аеродром „Крал Калид“ одекнаа експлозии, по што се појавија голем пламен и густ црн чад.
Новинар на АФП од местото на настанот видел пожарникари како гаснат изгорен резервоар за гориво со ознака на саудискиот нафтен гигант „Арамко“. На снимките и фотографиите од местото се гледа голем столб црн чад што се издига од просторот за складирање гориво во близина на аеродромот.
Саудиските власти засега не соопштија што го предизвикало пожарот, ниту официјално го поврзаа инцидентот со напад од јеменските Хути.
На аеродромот „Крал Калид“ се регистрирани значителни доцнења и откажувања на летови. Според „Флајтрадар24“, аеродромот во текот на денот бил ставен на највисоко ниво на неговиот индекс за нарушувања, што укажува на големи доцнења и повеќе откажани летови.
Сведоци за Ројтерс изјавиле дека по предупредувањето слушнале неколку експлозии. Еден жител рекол дека во правец на аеродромот видел црн чад и пламен.
Саудиската цивилна заштита во текот на ноќта ги предупредила жителите на Ријад дека подрачјето се наоѓа под „непријателска воздушна закана“ и ги повикала да останат во затворени простории. Подоцна било соопштено дека опасноста поминала.
Тоа било прво вакво предупредување во саудискиот главен град откако во последните месеци повторно се засилија борбите со Хутите во соседен Јемен.
Хутите, кои имаат поддршка од Иран, во последните недели извршија повеќе напади со беспилотни летала и ракети врз Саудиска Арабија. Во четвртокот едно лице загина, а две беа повредени откако делови од пресретнато беспилотно летало паднале во подрачјето на Тајф.
Саудиската воздушна одбрана претходно пресретнала и беспилотно летало за кое Ријад тврдеше дека се движело кон Мека. Хутите негирале дека светото место било цел на напад.
Конфликтот дополнително се заострил по напредувањето на Хутите долж јеменскиот брег на Црвеното Море. Според доставените информации, тие ја зазеле стратешки важната пристанишна Моха и островот Перим во теснецот Баб ал-Мандаб, една од клучните поморски рути во светот.
Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признатата јеменска власт и во последните денови извршила повеќе воздушни напади врз позиции на Хутите.
Воен портпарол на Хутите вчера тврдеше дека Саудиска Арабија во текот на изминатата недела извршила околу 300 напади врз Јемен и предупреди дека нападите нема да останат без одговор.
Советот за безбедност на Обединетите нации вчера ги осуди нападите на Хутите врз Саудиска Арабија и повика на смирување на конфликтот.
Засега нема официјална потврда дека денешните експлозии и пожарот кај аеродромот во Ријад се последица на напад од Хутите.