Во ЈП „Лајка“ беше организиран несекојдневен настан за бездомни кучиња со поинаков концепт – наместо луѓето да ги избираат милениците, кучињата сами им приоѓаа на оние кај кои чувствуваа доверба и сигурност.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека идејата била да им се даде можност токму на животните да го направат првиот чекор кон својот нов дом.
„Некои од овие кучиња знаат што значи да бидеш напуштен и долго да чекаш некој да им подари нов почеток. Овојпат, тие сами го избираа човекот покрај кого се чувствуваа безбедно и сакано“, порача Ѓорѓиевски.
Според него, секое вдомување претставува нов почеток и за животното и за семејството што го прифаќа.
Тој упати благодарност до сите граѓани кои ги отвориле своите домови за бездомните кучиња и ги повика оние кои во моментот не можат трајно да вдомат миленик да размислат за привремено згрижување.
Од ЈП „Лајка“ посочуваат дека и привремениот дом може да биде важен чекор кон целосно вдомување, повторно стекнување доверба кај животното и можност за подобар живот.