Левица обвинува дека градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска на седница на Советот ѝ упатил закана на советничката од оваа партија, Маја Никодиновска.
Од Левица тврдат дека Стефковски двапати ѝ ги упатил зборовите „Пази што зборуваш, да не ти се деси Оки и Жила“, оценувајќи дека со тоа упатил закана по нејзиниот живот.
Според партијата, заканата дошла по прашањата што Никодиновска ги поставила во врска со информациите добиени од Општината за концентрацијата на фекалии и ешерихија во водата, одбиената иницијатива за депониите на територијата на општината и одбиениот амандман за набавка на прочистувачи на воздух за училиштата.
Во соопштението Левица наведува дека имињата на Оки и Жила се однесуваат на Орхан Бајрами – Оки и Јетон Кривањева – Жила, за кои партијата посочува дека биле високо позиционирани фигури на скопската криминална група „Дуќанџик“. Од Левица наведуваат дека Кривањева бил ликвидиран во Старата скопска чаршија во март 2023 година, а Бајрами неколку месеци подоцна бил ликвидиран во Ханиоти, Грција.
„Со ваков крај Стефковски ѝ се заканува на советничка од Левица. Не на криминалец, туку на избран политички претставник, во општински совет, пред очите на јавноста“, се наведува во реакцијата.
Од Левица, исто така, тврдат дека по инцидентот Стефковски наредил да биде избришана снимката од седницата бидејќи, како што велат од партијата, станало јасно дека заканата била јавно изречена и снимена.
„Левица нема да прифати политиката во Македонија да се води со силеџиство и закани по живот“, велат од партијата, додавајќи дека нивните советници ќе продолжат да поставуваат прашања и да ги отвораат темите за кои сметаат дека се од интерес на граѓаните.