На прес-конференција, Јованче Манасков од Комисијата за образование на СДСМ, обвини дека повеќе од 250 деца со попреченост ја започнале учебната година без образовни асистенти, оценувајќи дека Министерството за образование не обезбедило навремена поддршка за учениците на кои им е потребна.
Манасков оцени дека проблемите во образованието продолжуваат и во новата учебна година. Според него, покрај намалувањето на бројот на првачиња, затворањето училишта и намалувањето на бројот на паралелки, дополнителен проблем е и недостигот на образовни асистенти за децата со попреченост.
Манасков тврди дека околу 250 деца, од кои најголем дел првачиња, на 1 септември немале обезбедено образовен асистент.
Од СДСМ велат дека училиштата ги доставиле барањата за образовна асистенција за првачињата до 30 јуни, по завршувањето на уписите, и прашуваат зошто Министерството за образование не постапило навреме по нив.
„Ако постапката за вработување трае повеќе од 20 дена, тогаш е јасно дека и со започнување на постапката сега, дел од овие деца реално би добиле образовен асистент дури по 20 септември“, рече Манасков.
Од СДСМ сметаат дека ваквата состојба директно влијае врз децата и нивните семејства, бидејќи образовниот асистент им помага на учениците со попреченост да ја следат наставата, да учествуваат во училишниот процес и да ги остваруваат своите права.
Манасков ја повика министерката за образование Весна Јаневска да одговори зошто поддршката не била обезбедена навреме и порача дека инклузијата не треба да остане само на ниво на стратегии и документи.
„Министерке, децата не се само бројка во табела. Тие имаат право на образование, право на еднакви можности и право на поддршка согласно нивните индивидуални потреби“, порача Манасков.
СДСМ бара итно решавање на проблемот и обезбедување образовна поддршка за секое дете со попреченост на кое му е потребен асистент.