Лионел Меси брзо го остави зад себе разочарувањето од Светското првенство и блесна во дресот на Интер Мајами, предводејќи го својот тим до победа од 4:2 над Атлетико Сан Луис во првото коло од Лига купот.
Аргентинската ѕвезда имаше директен придонес кај три од четирите голови на својот тим – постигна два и запиша една асистенција.
Гостите поведоа уште во четвртата минута преку Родригес, но Меси брзо возврати и во 11. минута го израмни резултатот.
Интер Мајами продолжи со офанзивната игра, а Сеговија во 26. минута донесе пресврт. Атлетико Сан Луис намали, но Меси пред крајот на првото полувреме повторно се запиша меѓу стрелците и зголеми на 3:1.
Во судиското продолжение од првиот дел, Аргентинецот асистираше за Микаел, кој погоди за убедливи 4:1.
Во второто полувреме Интер Мајами рутински ја контролираше играта, а Рафа Љоренте само го ублажи поразот на мексиканскиот тим, поставувајќи ги конечните 4:2.
Со својот 14. погодок во Лига купот, Меси стана најдобар стрелец во историјата на ова натпреварување.
Привремениот тренер на Интер Мајами, Гиљермо Ојос, не го криеше воодушевувањето од настапот на својот капитен.
„Првиот гол што го постигна беше извонреден. Само оној што играл фудбал знае колку е тешко да се има такво чувство за простор, тајминг и прецизност. Ако зборуваме за сликарство, јас би го нарекол Пикасо“, изјави Ојос.
На овој натпревар Интер Мајами беше без Луис Суарез, кој поради суспензија не настапи. Во следното коло американскиот клуб ќе се соочи со мексиканскиот Монтереј.