Еден од пилотите на товарниот авион на „Амазон“ повеќепати предупредувал дека леталото се движи со преголема брзина, непосредно пред да излета од пистата на аеродромот во Мајами, Флорида, и да се судри со повеќе возила, покажуваат новите податоци од истрагата.
Според извештајот на американскиот Национален одбор за безбедност на сообраќајот (NTSB), предупредувањата за високата брзина траеле до самиот крај на достапната снимка, но одговорите од другиот пилот не биле доследни. Во меѓувреме, во кабината се активирале и автоматски безбедносни предупредувања.
„Боингот 767-300“ при слетувањето се движел со 158 јазли, односно околу 292 километри на час, што се смета за многу висока брзина за слетување.
Во последните минути од летот се активирало предупредувањето „sink rate, sink rate“, кое укажува на преголема брзина на спуштање, како и „too low terrain“, предупредување дека авионот лета прениско и не е правилно подготвен за слетување. Во извештајот се наведуваат и податоци за активирањето на закрилата додека авионот се приближувал кон пистата.
Воздухопловниот адвокат Пабло Рохас за CBS News изјавил дека без пристап до целосната снимка тешко може да се утврди што точно значи забелешката на NTSB за „недоследните вербални одговори“. Тој посочил дека и доцното активирање на закрилата може да биде значајно, бидејќи тие помагаат авионот да ја намали брзината и полесно да слета.
Несреќата се случила во неделата, кога авионот на „Amazon Prime Air“, кој летал под ознаката 7598, ја промашил пистата, удрил во опрема на земја и во бело комбе „Форд“, ја пробил заштитната ограда, а потоа се судрил и со „Тојота корола“. Авионот запрел околу 394 метри по крајот на пистата.
Во несреќата загинале пет лица, членови на екипата за чистење на авионот кои се наоѓале во комбето. Властите во Мајами ги идентификувале како 55-годишниот Роландо Алеман Леон, 53-годишниот Јоел Родригез Наранхо, 75-годишниот Хулио С. Пинеда, 53-годишниот Карлос Акоста Фахардо и 47-годишната Хавиеркис Рејес Кеведо. Уште пет лица биле повредени.
NTSB ја продолжува истрагата за причините и околностите што довеле до несреќата.