Четири лица се пренесени во болница откако утрово на градилиште во Мајами се урнал дел од градежна машина. Несреќата се случила нешто по 8 часот во населбата Брикел, пишува „Еј-Би-Си њуз“.
Командантот на противпожарната служба на Мајами, Роберт Хевија, изјавил дека, со оглед на околностите, вистинска среќа е што никој не го загубил животот.
Тој објаснил дека жена се движела со автомобил по улицата покрај градилиштето и забележала дека машината се урива. Таа успеала да стави во рикверц и да се оддалечи доволно за да го напушти возилото. Машината паднала врз автомобилот, кој веднаш се запалил.
Градежната машина се урнала и врз контејнер во кој се наоѓале двајца градежни работници. Еден дел од спасувачкиот тим го сечел металниот контејнер за да ги ослободи работниците, додека друг истовремено го гаснел пожарот.
Двајцата работници од контејнерот и операторот на машината, кој успеал да скокне додека таа се превртувала, биле пренесени со полесни повреди во блискиот трауматолошки центар.
И возачката на автомобилот била полесно повредена и била згрижена во друга болница, изјавил Хевија. Тој потврдил дека сите останати работници на градилиштето се безбедни.
Причината за несреќата засега не е официјално објавена, а истрагата е во тек.
Се урнала машина за поставување пилоти, која има основа слична на класична дигалка, но нејзиниот горен дел служи за забивање столбови длабоко во земјата, кои се користат како темели за големи градежни објекти.