Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, упати новогодишна честитка до граѓаните, во која направи осврт на годината што изминува, оценувајќи ја како период обележан со длабоки глобални и домашни предизвици, но и со започнување на важни реформски процеси.
Според Сиљановска-Давкова, 2025 година ќе остане запаметена по драматичните промени во меѓународниот поредок, незамисливите војни со огромни човечки жртви, забрзаната милитаризација, како и по продлабочените климатски, еколошки и енергетски кризи. Таа посочи дека во такви услови, меѓународните институции биле маргинализирани, а меѓународното право сериозно доведено во прашање.
Во обраќањето, претседателката истакна дека надворешната и безбедносна политика на државата во изминатата година била јасно европска и усогласена со заедничката европска надворешна и безбедносна политика, при што земјата се позиционирала како видлив и почитуван меѓународен актер. Во евроинтеграциските процеси, како што наведе, фокусот бил ставен на исполнување на Копенхашките критериуми.
На внатрешен план, Сиљановска-Давкова оцени дека 2025 година била година на почеток на реформи во правосудството, отворање на битка со корупцијата и криминалот, креирање национална развојна стратегија, воспоставување нови стратешки партнерства за економски и структурни реформи, како и засилена инфраструктурна активност. Таа ги посочи и напорите за долгорочно решавање на енергетските прашања и системско унапредување на соработката со дијаспората.
Како најтежок момент во годината, претседателката ја издвои трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека таа ќе остане трајна сенка и обврска за целото општество. Таа порача дека не смеат да бидат заборавени семејствата на загинатите, повредените, но и барањето за правда, оценувајќи дека нивната жртва мора да резултира со подобар политички и правен систем кој нема да дозволи нови невини жртви.
Во честитката, Сиљановска-Давкова изрази надеж дека Новата година ќе донесе исчекор кон траен светски мир заснован на меѓународното право и меѓународните институции, како и напредок на државата на патот кон членство во Европската Унија, во услови на владеење на правото, демократија, економски развој и здрава животна средина.
На крајот, таа упати лична порака до сите граѓани, посакувајќи секому Нова година исполнета со здравје, мир и лична среќа, со посебни честитки до децата, младите и до сите граѓани.