Видео од ајкула снимено во близина на влезот во Бока Которска предизвика големо внимание на социјалните мрежи, откако многумина тврдеа дека станува збор за голема бела ајкула – едно од најопасните морски животни за човекот.
Сепак, експертите сметаат дека на снимката најверојатно не се гледа голема бела ајкула, туку мако ајкула, вид кој не е невообичаен во Јадранското Море.
Научникот Илија Ќетковиќ од Институтот за биологија на морето во Црна Гора изјави дека, според карактеристиките што можат да се забележат на видеото, најверојатно станува збор за долгоноса, односно мако ајкула, чија градба често наликува на големата бела ајкула.
Тој нагласи дека појавата на овој вид во тој дел од Јадранот не претставува ништо необично.
„Тоа не е изненадување, бидејќи речиси секоја година во овој дел од Јадранот се регистрира или се уловува мако ајкула“, изјавил Ќетковиќ.
Мако ајкулата (Isurus oxyrinchus) е една од највпечатливите ајкули што живеат во светските океани, вклучувајќи ги Средоземното и Јадранското Море. Може да достигне должина до 4,5 метри и тежина поголема од половина тон.
Овој вид е познат како најбрза ајкула во светот, бидејќи може да развие брзина поголема од 70 километри на час, што ја прави исклучително ефикасен предатор.
Мако ајкулата претежно живее на отворено море, но повремено се приближува до брегот и подводните гребени. Се храни главно со риби, како што се туната, скушата и сабјарката, како и со главоноги.
Иако се смета за еден од трите потенцијално опасни вида ајкули што можат да се сретнат во Јадранското Море, нападите врз луѓе се исклучително ретки. Според експертите, многу поголема закана за овој вид претставува човекот, бидејќи со децении бил интензивно ловен поради месото и перките.
Поради намалувањето на бројноста, мако ајкулата денес се наоѓа на Црвената листа на Меѓународната унија за заштита на природата како загрозен вид, а во Хрватска нејзиниот улов е строго забранет.