Епидемијата на хантавирус, која досега однесе три животи на крузерот „Хондиус“, продолжува да се шири, а под надзор на властите сега се и патниците од авионите што биле во контакт со заразените лица.
Стјуардеса на холандската авиокомпанија КЛМ од Харлем е хоспитализирана поради можна инфекција со смртоносниот вирус, откако била во контакт со 69-годишна Холанѓанка, која подоцна починала.
По избувнувањето на заразата на крузерот, првиот швајцарски државјанин бил тестиран позитивно на вирусот и веднаш изолиран. Повеќе лица од различни делови на светот, исто така, покажале симптоми на хантавирус.
Најмалку седум лица од бродот се заразени. Меѓу заболените и евакуираните е и Британецот Мартон Ансти, кој изјавил дека е во карантин и дека лекарите наскоро ќе имаат појасна слика за неговата состојба.
Според Асошиејтед прес, аргентинските власти претпоставуваат дека холандска брачна двојка најверојатно се заразила при набљудување птици во Ушуаја. За време на турата, тие наводно посетиле и депонија каде што можеби дошле во контакт со глодари.
Состојбата со патниците по напуштањето на бродот останува нејасна. Холандските власти денеска соопштиле дека околу 40 патници се симнале од бродот на островот Света Елена во јужниот Атлантик.
Меѓу патниците кои се искрцале имало државјани од Велика Британија, САД, Холандија, Канада, Швајцарија, Турција, Германија, Данска, Нов Зеланд, Сингапур, Шведска и други држави. Една Холанѓанка подоцна починала во болница во Јоханесбург.
Се очекува крузерот во сабота да пристигне на Тенерифе, а евакуацијата на преостанатите патници да почне во понеделник.
За време на крстарењето, на бродот имало 88 патници и 59 членови на екипажот од 23 држави. Првично ќе бидат прегледани во клиники на Канарските Острови, по што ќе се организира нивното враќање во матичните земји.
Светската здравствена организација трага и по патниците од летот „Ерлинк 4З132“, кој на 25 април летал од Света Елена кон Јужна Африка. На тој лет била и Холанѓанката која подоцна починала.
Според холандските медиуми, идентификувани се сите патници од летот на КЛМ од Јоханесбург до Амстердам.
Властите и Светската здравствена организација сега се обидуваат детално да ги реконструираат контактите на заразените лица, вклучително и контактите на бродот, пред качувањето и за време на евакуациските летови.
Научниците сè уште немаат целосно објаснување како се пренесува вирусот од човек на човек, но познато е дека тоа се случува при близок и подолготраен контакт. Студија објавена во списанието Фронтиерс ин Мајкробиолоџи укажува дека вирусот може да се пренесува преку респираторниот тракт или плунка.
Шпанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека евакуацијата на патниците ќе почне на 11 мај, доколку бродот пристигне според планот.
Министерството за одбрана на Шпанија и шпанската војска ќе ја координираат операцијата за транспорт на шпанските патници до болница во Мадрид.
Шпанија најави и дека земјите членки на ЕУ ќе бидат повикани да ги репатрираат своите државјани од Канарските Острови.