Владината портпаролка Марија Митева изнесе детали за постапката и финансиската конструкција за прославата на независноста, наведувајќи дека со владин заклучок било предвидено ангажирање светски артист од А класа, продукција од ист ранг и организација на 12 настани низ Македонија.
Според Митева, концептот предвидувал главен настан со светска ѕвезда во придружба на македонски артисти, со продукција која, како што рече, гарантира присуство од 30.000 посетители.
„Владата донесе заклучок каде се утврдија конкретните активности за прославата за независноста. Беше предвидено А класа светски артист, со А класа продукција кој гарантира 30.000 посетители, организирање на 12 настани низ Македонија со концепт, настан со светска ѕвезда А класа во придружба на македонски артисти“, рече Митева.
Со истиот заклучок, според неа, на Државна лотарија ѝ било укажано да обезбеди 300 милиони денари од нераспределената добивка за 2024 година и да објави повик за реализација на настаните.
Станува збор за политичка оценка на владината портпаролка во однос на предметот за Државна лотарија, за кој се води судска постапка.
Според информациите што ги соопшти Митева, јавниот повик за организација на прославата бил објавен на 4 мај и во него биле утврдени условите што треба да ги исполни понудувачот.
На повикот пристигнала само една понуда – од „Стардас ДООЕЛ Скопје“, за која Митева рече дека е правниот субјект преку кој настапува „Авалон Интернешнл Букинг“.
„‘Стардас’ е правниот субјект, а ‘Авалон’ е трговската марка“, рече Митева.
Таа посочи дека во постапката следувале записник од отворањето на понудата, извештај и оценување, а тврди дека изборот не зависел од бројот на понудувачи.
„Изборот не се врши врз тоа кој е присутен, туку врз основа на квалитет, програма. По завршување на постапката, се врши одлука за избор на најповолен понудувач и се склучува договор“, рече владината портпаролка.
Покрај 300 милиони денари обезбедени преку Државна лотарија, во финансиската конструкција, според Митева, биле вклучени уште 40 милиони денари обезбедени од општествено одговорни компании кои учествувале во организацијата.
Со тоа, според бројките што ги соопшти Митева, вкупната финансиска конструкција достигнува 340 милиони денари.
„Овој дел од финансиската конструкција не е нешто што било скриено“, рече Митева