Договорот со „Авалон“ предвидува исплата на 300 милиони денари, потврди директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, кој одговараше и на прашањата зошто јавниот повик за доставување понуди траел само пет дена.
Прашањето беше поставено и во контекст на тоа дека понудата на компанијата која настапува под брендот „Авалон“ содржела концепт од околу сто страници, за кој се поставува прашањето како можел да биде подготвен во рок од само четири до пет дена.
„Да, 300 милиони денари се во договорот со Авалон за исплата“, рече Климовски.
Тој повтори дека Државна лотарија, според нивното правно толкување на постапката, воопшто немала обврска да распишува јавен повик, но сепак одлучила да го стори тоа.
„Во поглед на рокот, ние не бевме обврзани со било каков оглас. Без разлика што не бевме обврзани, ние сепак одевме со оглас од пет дена“, рече Климовски.
На прашањето зошто токму пет дена биле оценети како доволен период за потенцијалните заинтересирани компании да дознаат за повикот и да подготват понуда, Климовски рече дека станувало збор за проценка на компанијата.
„Тоа е наша проценка, компаниска, дека доволни се пет дена јавноста да знае дека има оглас за ваква работа“, рече тој.
Како дополнителна причина за краткиот рок го посочи времето потребно за организација на прославата.
„Не можевме ни премногу да чекаме, бидејќи има рокови за започнување на организацијата. Беа тесни во таа смисла“, рече Климовски.
Директорот на Државна лотарија откри и дека првично размислувал рокот да биде уште пократок.
„И тие пет дена, јас се мислев и три дена да ги ставам, ама испаднаа пет дена“, рече Климовски.
На јавниот повик била доставена една понуда – од „Стардас ДООЕЛ Скопје“, правниот субјект преку кој, според претходното објаснување на Климовски и Владата, настапува „Авалон Интернешнл Букинг“. Понудата, како што претходно соопшти Климовски, била на околу сто страници, по што била донесена одлука за избор и бил склучен договор.