Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, тврди дека 300 милиони денари обезбедени за прославата на независноста не биле буџетски средства, туку компаниски пари од нераспределената добивка на друштвото.
Според него, Државна лотарија е посебен правен субјект, а Владата во однос на компанијата настапува како основач и единствен акционер.
„Државна лотарија е посебен правен субјект. Владата е основач и таа е Собрание на акционери или единствен акционер и еден од врховните органи. Компанијата има двостепен систем на управување, со надзорен и управен одбор“, рече Климовски.
Тој вели дека средствата за прославата биле обезбедени по основ на Законот за спонзорства и донации, а не според Законот за јавни набавки.
„Станува збор за средства од 300 милиони денари кои беа компаниски пари, нераспределена добивка. Компанијата е издвоена од Владата“, рече Климовски.
Според неговото објаснување, средствата би добиле статус на буџетски пари дури откако органите на друштвото ќе ја утврдат нераспределената добивка како дивиденда и ќе биде даден налог таа да се уплати на трезорската сметка.
„Сè додека се во компанијата, тие се корпоративни пари“, рече директорот на Државна лотарија.
Климовски ја потврди и процедурата што претходно ја образложи владината портпаролка Марија Митева, нагласувајќи дека компанијата решила да воведе дополнителни чекори за изборот на организатор.
„За да биде транспарентно давањето на спонзорство, отидовме над законот и формиравме комисија, објавивме оглас. Не го бара ова законот, но заради заштита на компаниските пари и заради подигнување на степенот на конкурентност и транспарентност, отидовме над барање утврдено во законот“, рече Климовски.
Тој тврди дека Владата, во својство на акционер и основач, донела заклучок со кој ја задолжила Државна лотарија нераспределената добивка да ја употреби за прославата.
Климовски притоа направи споредба со претходното раководство на компанијата, велејќи дека средствата биле насочени кон настанот, „а не за набавка на ВЛТ слотови и набавка на непродуктивни материјали, како што претходниците тоа го правеле“.
Според него, првиот документ во постапката бил извадок од нацрт-записник со насоки за почнување на процедурата.
„Владата дава налог на нас, органите на друштвото, да отпочнеме постапка за издвојување на овие средства и да избереме организатор кој ќе има капацитет да одговори за организација на овој грандиозен настан“, рече Климовски.
Потоа, како што објасни, била формирана комисија составена од експерти, во координација со Владата и Министерството за култура.
„Иако не треба да се формира ваква комисија ако гледаме законски. Ни требаше реномирана компанија, реномирана агенција со подизведувачи, за да одговори на ваков тип на организација“, рече тој.
Климовски повтори дека јавниот повик бил објавен токму за постапката да биде што потранспарентна.
„Ова го направивме за да не биде дека ние под маса, на црно, сме го избрале“, рече директорот.
Јавниот повик, според него, траел пет дена, а била доставена една понуда, составена од околу сто страници, во која детално била разработена програмата што Владата претходно ја утврдила како рамка.
„Најголемиот товар на настанот го имаа домашните ѕвезди. Имаше записник од понудата. Се носи одлука за избор. Склучивме договор“, додаде Климовски.