Поради влошените временски услови и актуелни настани во регионот, од утрово се воведени повеќе ограничувања во сообраќајот на државните патишта и на граничните премини.
Од 05:15 часот, поради врнежи од снег, воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан. Забраната важи до подобрување на условите и стабилизирање на состојбата на коловозот.
Дополнително, поради протест на грчките земјоделци, од денеска, 8 јануари 2026 година, од 10:00 часот, на граничниот премин Ники (Меџитлија) е воведена целосна забрана за движење на товарни возила. Ограничувањето ќе трае во наредните 48 часа, односно до 10 јануари 2026 година во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила на овој граничен премин се одвива непречено и со нормален тек.
Сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево и Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека. Во моментов, снежните врнежи не претставуваат сериозна пречка за одвивање на сообраќајот, но се препорачува зголемена внимателност.
Поради обилните врнежи од дожд и зачестената појава на одрони, на патните правци Делчево – Македонска Каменица – Истибања и Делчево – Пехчево, на учесниците во сообраќајот им се препорачува крајно внимателно управување со возилата и прилагодување на брзината според условите на патот.
На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри.
На магистралниот пат А3 Битола – Ресен, на самиот влез во градот Ресен, поради обилни врнежи од дожд и можно излевање на Голема Река, возачите се повикуваат на особена внимателност. Исто така, зголемено внимание се препорачува и на регионалниот пат Р1307 Царев Двор – Стење, каде постои ризик од излевање на локалните реки поради врнежите.
Надлежните служби апелираат до возачите да ја следат состојбата на патиштата, да ја прилагодат брзината и да ги почитуваат воведените ограничувања со цел безбедно одвивање на сообраќајот.