Семејството на Владо Јаневски сè уште не може да се помири со неговата ненадејна смрт. Во изјава за Скопје1, неговиот внук откри дека сè се случило многу брзо и дека до последен момент се надевале дека ќе се избори.
„Ние како фамилија мислевме дека станува збор за обична болка, но на крајот испадна дека е тоа што е. Сè се случи многу брзо“, рече тој.
Тој откри дека Владо Јаневски во јавноста оставал впечаток на повлечен човек, но дека во кругот на семејството бил сосема поинаков.
„Како приватна личност имаше една школка кон надворешниот свет. Ние како фамилија го знаевме како многу дарежлив, многу семеен човек. Можеби тоа што го чувствуваше го искажуваше преку своите песни, но јас никогаш не го доживував како пејач. За мене секогаш беше вујко, без разлика што другите ми велеа: ‘Вујко ти каква песна напишал’“, изјави внукот.
Според него, Владо Јаневски свесно избрал помирен и повлечен живот, далеку од јавноста и стресот.
„Уживаше на свој начин. Се дистанцираше од сите и живееше онака како што сакаше, без непотребен стрес. Гледаше ништо да не го допре и мислам дека токму затоа беше повлечен“, рече тој.
Внукот додаде дека семејството било известено од болницата, но од почит кон приватноста не сака да споделува повеќе детали за последните денови на музичарот.
„Не можам да зборувам повеќе поради приватноста. Сè се случи многу брзо и толку знаеме. Од една страна можеби го очекувавме тоа, но од друга страна до последен момент се надевавме дека сè ќе помине“, изјави тој за Скопје1.