Градежното вештачење изработено за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани покажало сериозни системски пропусти и целосно непочитување на безбедносните стандарди при пренамената и реконструкцијата на објектот. Ова на денешното рочиште го истакна судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски.
Пред Судот, Марковски посочи дека експертскиот тим спровел повеќе увидни постапки на местото на несреќата, извршил анализа на материјалите и ја разгледал целокупната документација поврзана со објектот.
На почетокот од своето излагање, тој им изрази сочувство на семејствата на загинатите, нагласувајќи дека единствената цел на вештачењето е да се утврдат причините за трагедијата и да се спречат слични несреќи во иднина.
„Вештачењето недвосмислено покажа дека системот, институциите и поединците целосно потфрлиле. Не биле почитувани стандардите, регулативата ниту процедурите што требало да ја гарантираат безбедноста. Практично, не било почитувано ништо“, изјави Марковски.
За да ја илустрира важноста на градежните стандарди, професорот направи споредба со земјотресите во Хаити и Чиле во 2010 година, истакнувајќи дека иако земјотресот во Чиле бил значително посилен, бројот на жртвите бил многукратно помал благодарение на почитувањето на прописите за безбедно градење.
Тој потенцираше дека посетителите на јавни објекти не можат сами да проценуваат дали просторот е безбеден, туку тоа е обврска на институциите и на стручните лица.
Марковски објасни дека степенот на заштита што мора да го обезбеди еден објект зависи од неговата намена, која е утврдена со Деталниот урбанистички план.
„Не може објект што бил изграден за индустриска намена да се користи како дискотека без да се исполнат сите безбедносни услови што ги бара таквата намена“, рече тој.
Според вештачењето, објектот не ги исполнувал ниту основните барања за заштита од пожар.
„Во случај на пожар, конструкцијата треба одреден период да ја задржи својата носивост, да го спречи ширењето на огнот и чадот, да овозможи безбедна евакуација на луѓето и пристап за спасувачките екипи. Во ‘Пулс’ не беше исполнет ниту еден од овие услови“, нагласи Марковски.
Тој додаде дека при пожарот многу брзо дошло до уривање на дел од покривната конструкција, што, според него, е доказ дека при пренамената воопшто не се водело сметка за специфичните безбедносни барања на дискотека.
„Заклучокот е јасен – во објектот практично немало никаква заштита од пожар“, истакна вештакот.
Во своето сведочење, Марковски појасни дека објектот бил составен од два дела – еден изграден со одобрение за градба во 1999 година и друг, кој првично бил дивоградба, а подоцна бил легализиран за лесна индустрија.
Прикажувајќи ја хронологијата на реконструкциите, тој наведе дека сите градежни интервенции реализирани од 2012 до 2024 година биле изведувани без соодветни проекти, стручен надзор и инспекциски контроли.
Марковски се осврна и на вештачењата изработени за потребите на одбраната, оценувајќи дека во нив нема разлики во фактите, туку само различни толкувања што, според него, дополнително ги потврдуваат заклучоците на експертскиот тим.
На прашањето на обвинителството дали во текот на анализата бил пронајден барем еден доказ дека при реконструкцијата биле преземени мерки за подобрување на безбедноста на посетителите, Марковски одговори:
„За жал, не.“
Судењето продолжува со презентација на останатите делови од градежното вештачење и сослушување на членовите на експертскиот тим што учествувале во неговата изработка.
Во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, за време на настап на музичката група ДНК, животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата останува една од најтешките во поновата историја на Македонија.