Македонските тимови на Олимпијадата за роботика – Minoan Robotsports Competition Global Olympiad, која се одржа на Крит од 3 до 6 април, постигнаа извонредни резултати, освојувајќи прво и второ место во најтешката дисциплина. Во оваа категорија, роботите што ги дизајнирале, изградиле и програмирале учесниците целосно автономно извршуваат сложени задачи со висока прецизност и сигурност.
Тимот Space Walkers(13-18 години) – Павел Попоски, Анастасија Дудеска и Јаков Петков – освои злато. Матеа Андонова, Глигор Дединец и Петар Копачев од тимот Space Walkers Alfa (до 12 години) се закитија со сребро, а Андреј Спасевски и Стефан Пешов од Space Walkers JR се пласираа на петтата позиција. Успесите се постигнати под водство на менторите Александра Митревска и Жарко Поп-Илиев од СТЕМ Академија.
Оваа олимпијада е една од најпрестижните светски натпреварувања за роботски спортови, со учество на околу 1.500 тимови од над 40 држави.
„Ова искуство ги мотивира децата да се насочат кон кариери во STEM областите. Тие учат како да претворат идеја во функционален робот, како машината „размислува“ и носи одлуки врз основа на сензорски податоци. Преку тимската работа развиваат брзо дијагностицирање на проблеми, креативно решавање на задачи и психолошка отпорност. Успехот зависи од синхронизацијата на целиот тим“, истакна Александра Митревска.
И претходните години тимовите на СТЕМ Академија постигнуваа извонредни резултати: во 2024 и 2025 година освојуваа прво, второ и третото место во категоријата петобој арена, а пред две години се пласираа на првото и второто место. Континуираните успеси покажуваат дека роботиката за овие деца не е само хоби, туку платформа за создавање на следната генерација македонски инженери, програмери и технолошки лидери.