Стравичен пожар го зафати стамбениот комплекс „Ванг Фук Корт“ во Хонг Конг, при што животот го загубија најмалку 44 лица, а пожарникарите и понатаму се борат со огнената стихија. Според последните податоци, дури 279 жители сè уште се водат како исчезнати, додека спасувачките тимови започнаа пребарување на дел од високите згради во комплексот.
Според болничката управа на Хонг Конг, до утринава биле хоспитализирани најмалку 66 лица, од кои 17 во критична, а 24 во тешка состојба.
Повеќе од 900 станари се евакуирани во привремени засолништа. Полицијата уапси двајца директори и еден консултант од градежната компанија поврзана со комплексот, под сомнение за убиство од небрежност.
Комплексот „Ванг Фук Корт“ го населуваат околу 4.600 луѓе, од кои речиси 40 проценти се постари од 65 години, покажуваат податоците од пописот од 2021 година. Многумина од нив живеат таму уште од 80-тите години, кога било изградено ова субвенционирано јавно домување.
Како што продолжува гаснењето на преостанатите жаришта, спасувачките тимови ги изнесуваат телата на загинатите. Снимките на агенцијата „Ројтерс“ прикажуваат како црни вреќи со посмртни останки се внесуваат во возила на итната помош.
Преживеани станари за Си-Ен-Ен изјавија дека стравуваат оти конечниот биланс ќе биде уште потежок, бидејќи пожарникарите се соочиле со огромни потешкотии да стигнат до луѓето заробени на високите катови на комплексот.