Актуелно

Бачев му пиша на Борисов: Гоце Делчев да почива во мир, спремни сме да ви ги подариме Заев, Љубчо, Бучковски, Димитров, Малески и Шеќеринска

Премиере Борисов,
Денешниот ден од 149 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев е добар повод да се обратам до Вас и пријателскиот бугарско-татарски народ на кој вие гордо му припаѓате, со една фер понуда за надминување на недоразбирањето за Делчев, напиша во писмото до Борисов Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија.

Во писмото Бачев додава:

Бугарски академици, историчари, политичари сегашни и поранешни, подолго време водат агресивна кампања за сквернавење на ликот и делото на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, кој, целиот живот го посвети на Македонската револуционерна борба и создавањето на слободна и независна Македонија.
За волја на вистината, сквернавењето на Делчев не доаѓа од Бугарите туку од македонските јаничари во Бугарија како што се Каракачанов, Захариева, Ковачев… кои не издржале во историјата и кои длабоко ги оптеретуваат македонско-бугарските односи.

На домашен терен во Македонија, носители на антимакедонскиот проект за подарување на се што е македонско на Бугарија се сегашни и поранешни премиерски и министерски марионети: Зоран Заев, Љубчо Георгиевски, Владо Бучковски, Никола Димитров, Радмила Шеќеринска и Денко Малески кои ја обезличуваат македонската држава, нација, јазик, историја и бришење на Македонците во Пиринска Македонија.

Затоа, Единствена Македонија, како партија која во основа се бори за одбрана на македонските национални интереси, заедно со македонскиот народ е спремна да започне постапка за решавање на недоразбирањето со македонскиот великан Гоце Делчев на начин што Зоран Заев, Љубчо Георгиевски, Владо Бучковски, Никола Димитров, Радмила Шеќеринска и Денко Малески ќе и бидат подарени на Бугарија трајно и за навек, а Гоце Делчев може да почива во мир.

Длабоко сум уверен дека Бугарија под вашето лидерство ќе ја прифати понудата.
Денешниот ден од 149 годишнината од раѓањето на Делчев е потсетник за целиот македонски народ дека единствени и сплотени мора да успееме против антимакедонскиот походот на македонските јаничари во Бугарија.

Впрочем, не му било лесно и на Гоце Делчев. Можел Делчев да биде само учител а не идеолог и револуционер и со другите револуционери да си седат дома и да не одат во планините. Ама така ќе ја немаше Македонија.

Борбата на Гоце Делчев беше создавање на независна македонска држава а нашата борба сега е истата да ја зачуваме пред налетот да се избрише се што е македонско. Ние сме цврсто решени да истраеме во одбрана на остварениот идеал на Делчев – слободна и независна Македонија. Тоа нема да биде чекорење по едноставен пат, но, мора да издржиме оти нашата борба е исправна, ова е битка за Македонците, битка за Македонија, борба за опстанок на еден цел народ.

За Единствена Македонија Гоце Делчев е столбот на Македонија, беше и ќе остане Македонец. Никогаш нема да дозволиме Гоце повторно да биде предаден како што беше предаден и за време на животот.

Со искрена надеж за натамошно успешно развивање на македонско-бугарските односи, длабоко го ценам времето што ќе го употребите за разгледување на оваа фер понуда, со што Гоце Делчев ќе може да почива во мир – се вели во писмото на претседателот Бачев.

На почеток