Скопје

Затворена дивата депонија кај мостот „Газела“

Општина Карпош ја затвора дивата депонија (сметлиште) долж Кејот на реката Вардар, кај мостот „Газела“.
Станува збор за дива депонија која со години беше место на кое се собираше габаритен отпад и шут, но, често пати, се палеа и огнови на отворено кои придонесуваат за дополнително загадување на амбиенталниот воздух.
При денешната теренска посета, градоначалникот Стефан Богоев посочи дека најстрого ќе биде санкционирано фрлањето и палењето на отпад и Општината заедно со Државниот инспекторат за животна средина и полициските службеници, ќе продолжат со засилени контроли.
„Во претстојниот период ќе ги затвориме и дивите депонии кај хотелот Александар Палас и спортскиот центар Борис Трајковски. Уште еднаш апелирам, да не се фрла отпади и да не се палат огнови на отворено, во спротивно, сите несовесни граѓани ќе бидат санкционирани,“ посочи Богоев.
Што се однесува до просторот кај мостот „Газела“, истиот, на пролет ќе биде оплеменет со ново зеленило, садници и урбана опрема.
Овој простор ќе биде дел и од новиот парк кој ќе започне да се изведува во 2019 година.
„Локалната самоуправа, во изминатиот период работи на зголемување на зеленилото. Оваа недела се обнови и дрворедот на улицата „Рузвелтова“, а паралелно се садат нови, висококвалитетни дрвја долж сервисните улици во Карпош. Примарната цел на општина Карпош е да се заштити животната средина и да се надомести изгубеното зеленило“, велат од општината.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток