„На годишно ниво, заштедите на електрична енергија на енергетски ефикасна градинка одат до 140 илјади денари, средства кои остануваат за градинката, за унапредување на условите за грижа и воспитување на децата“, истакна премиерот Зоран Заев на денешната посета во градинката „Мајски цвет“ каде заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев и пратеничката во Собранието, Марија Георгиевска направија увид на инсталираната опрема за фотоволтаици и фотонапонски систем.
Посетата по повод Светскиот ден на енергетска ефикасност беше токму во градинката „Мајски цвет“ која освен што како новоизградена ги исполнува сите услови за згрижување на децата од предучилишна возраст, е целосно енергетски ефикасен објект.
„Паралелно со доградувањето, проектот ги следеше сите критериуми за енергетска ефикасност и за енергетска само-одржливост и денеска оваа градинка си ја произведува струјата за сопствените потреби преку фотонапонски панели кои обезбедуваат во секој момент 3,2 киловати електрична енергија и 300 литри топла вода. Вишокот струја преку двосмерно броило се пренасочува кон мрежата на ЕВН, а хибридните колектори заменуваат 4 стари, енергетски неефикасни бојлери“, рече премиерот Заев и додаде дека е проширен капацитетот на градинката за уште 95 деца со дополнителни 150 метри квадратни.
„Грижата за децата и инвестирањето во раниот детски развој е приоритет на Владата но и на локалните самоуправи. Во текот на оваа година ќе бидат довршени уште 14 градинки, а во постапка е изготвување на Програмата за отпочнување на проекти за изградба на нови објекти за згрижување на деца. Сите овие градинки, како и другите јавни објекти, целосно ги следат нашите политики за енергетска ефикасност. За здрава животната средина, за префрлување на зелени горива, за намалување на загадувањето, за создавање на зелени зони и за заштеда на трошоците за енергија. Наместо стиропор сега фасадите и другата опрема во јавните објекти се енергетски ефикасни. Секој заштеден киловат-час придонесува кон намалување на количините на изгорен јаглен во термоелектраните, а инвестирањето во енергетска ефикасност создава услови за отворање на нови зелени работни места“, подвлече премиерот Заев и додаде дека досега се конвертираа и изградија повеќе од 100 енергетски ефикасни објекти кои носат финансиски бенефит и подобра животна средина.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека Министерството има два пристапи, прво, при градењето на установите за сместување на деца од предучилишна возраст, кои ги градиме согласно принципите на енергетска ефикасност и вториот пристап ,учење и воспитување на најмладите, како треба да постапуваат со животната средина.
„Сите десет детски градинки отворени изминативе шест месеци го исполнуваат принципот на енергетска ефикасност. Тоа воедно значи дека се почитуваат принципите на најсовремените европски стандарди во поставувањето на хидроизолација, термоизолација, столарија, ПВЦ прозорци, но и користење на енергенси, кои не ја загадуваат животната средина, а се користат за затоплување“, рече министерката Шахпаска.
„Општина Карпош е првата локална самоуправа која неодамна постави хибридни колектори на јавен објект“, рече градоначалникот Стефан Богоев и најави инсталирање на мини-фотоволтаична централа, со што ќе ја добиеме и првата енергетска задруга во нашата држава.ж
фото: Влада