Премиерот Зоран Заев и претседателите на опозициските албански политички партии Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши на средбата во Собрание постигнаа договор околу проблемот со државјанството. Но, тие велат деталите ќе се соопштат откако ќе се стави на хартија предлогот со точни правни формулации.
-Завршивме и денеска со состанокот, верувам дека постигнавме договор. Ова што го договоривме ќе го ставиме на хартија, бидејќи има и правни формулации, за потоа да можеме и да ги соопштиме и самите детали. Веруваме дека има договор, тоа е вистинската формуалција, затоа што ќе ја видиме кога ќе ја ставиме на хартија. Решение се постигна, и не навлегувам во деталите. Има наративно усно решение, целта е да го ставиме на хартија, а денови се во прашање, само да се стави на хартија“, изјави премиерот Зоран Заев.
И лидерот на партијата Алијансата за Албанците, Зијадин Села, веднаш по средбата со премиерот потврди дека се на добар пат да стават крај на проблемот со државјанството. Според Села, договорот предвидува сите граѓани кои се родени и живеат над 30 години во Република Северна Македонија да можат да добијат државјанство.
На средбата присуствуваа и министерот и заменик-министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Назим Буши, пратеничката Илире Дути од Алијанса за Албанците, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, кој е од редовите на БЕСА.