Денеска се спроведуваат активности за отстранување на бесправните објекти на плажите на потегот од хотел „Метропол“ до селото Пештани. Средствата за отстранување на бесправните објекти, во износ од 6 милиони денари беа обезбедени од страна на Владата на Република Северна Македонија.
Активностите за уривање ќе ги опфатат физичките или правните лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на Општина Охрид. Со цел да се намалат штетите, да се избегнат дополнителни трошоци и да се забрза процесот на отстранување, Општина Охрид упатува апел до сопствениците на бесправни градби да постапат по решенијата за отстранување и сами да ги отстранат објектите.
Во текот на изминатите две години Општина Охрид во согласност со финансиските можности реализираше активности за отстранување на платформите на угостителските објекти во потегот од месноста „Ј’но“ до населбата „Канео“, бесправни објекти на потегот во населбата ,„Свети Стефан“, а се спроведуваа и активности за отстранување на еден поголем сместувачки објект и две бетонски бази.
Општина Охрид во координација со Владата на Република Северна Македонија останува посветена на исполнување на препораките на УНЕСКО, имплементацијата на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Општина Охрид ќе продолжи да се залага за конечно воведување на ред на охридското крајбрежје, кое долги години наназад беше узурпирано.
Активностите за отстранување на бесправните градби ќе продолжат тековно и последователно додека не биде отстранети сите објекти кои ја загрозуваат животната средина и ги деградираат уникатните аспекти на регионот.