Во Народната банка на Република Македонија се одржа 31. сесија на Клубот на истражувачи на која по поздравното обраќање на гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, беа презентирани истражувачките трудови: „Оценување на ефикасноста на банките во Република Македонија: Непараметарски пристап“ од д-р Катерина Фотова-Чиковиќ и д-р Виолета Цветкоска, професорка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и „Дезинфлаторните прелевања од земјите во eврозоната кон земјите од Југоисточна Европа“ од м-р Гани Рамадани од НБРМ и Предраг Пандилоски од „Вотсон скул“ при Универзитетот на Пенсилванија.
Целта на првиот презентиран труд од авторките Фотова-Чиковиќ и Цветкоска е да се оцени релативната ефикасност на деловните банки во Република Македонија, со користење на ДЕА-техниката – прозорска анализа. Врз основа на пристапот на профитабилност, во истражувањето се избрани два инпути и два аутпути. Примерокот за анализа користен од авторките се состои од четиринаесет деловни банки во земјава и набљудуван е периодот од 2007 до 2017 година. Според резултатите за просечната ефикасност за целиот набљудуван период, коишто на сесијата ги презентираше Виолета Цветкоска, авторките заклучуваат дека групата на големи банки покажува највисока ефикасност. Во рамки на презентирањето на трудот во име на двете авторки, Цветкоска посочи дека во десетгодишниот период заклучно со 2017 година, според нив, македонскиот банкарски сектор во целина, највисока ефикасност покажува во 2007, а најниска во 2011 година. Според нивните согледби коишто се темелат на спроведената анализа, во периодот од 2008 до 2011 година, намалувањето на ефикасноста се поврзува со глобалната финансиска криза, а потоа ефикасноста забележува пораст.
Во завршницата на претставувањето на трудот беше нагласено и дека резултатите од истражувањето даваат информации за регулаторите, креаторите на политиките и менаџментот на деловните банки, за натамошно подобрување на еден од важните индикатори за успех на финансиските институции, односно нивната ефикасност.
Целта на истражувачкиот труд на Рамадани и Пандилоски, којшто во името на двајцата автори го презентираше Гани Рамадани е да се анализираат детерминантите на движењето на инфлацијата во Југоисточна Европа (ЈИЕ). Како што беше посочено и на сесијата, симултаниот тренд на дезинфлација низ целиот регион од 2012 до средината на 2016 година го наметнува прашањето дали и до кој степен ниската инфлација во еврозоната и другите заеднички фактори влијаеле врз дезинфлацијата во ЈИЕ. Користејќи тримесечни панел податоци за десет земји од ЈИЕ, за периодот меѓу 2004 и 2017 година, во трудот, двајцата автори моделираат хибридна нео-кејнзијанска Филипсова крива базирана на мала и отворена економија. Според презентираната анализа, клучни се ефектите од светските цени на храната и енергијата, како и ефектите од ценовните притисоци на еврозоната, врз дезинфлациските движења во земјите од ЈИЕ.
Генерално, истражувањето покажува дека дезинфлаторните прелевања од еврозоната се важен фактор за земјите со поригиден режим на девизен курс, како и за оние со поголема трговска размена со еврозоната. Понатаму, анализата на хетерогеноста покажува дека и земјите со помалку ригидни режими на девизен курс, но со релативно висока изложеност на трговска размена на пазарот на еврозоната, се чини дека се чувствителни на прелевање на инфлацијата од еврозоната. Во завршницата на своето излагање, Рамадани посочи дека цикличната невработеност не се покажува статистички сигнификантна во примерокот, што е во согласност со неколку неодамнешни наоди за израмнување на Филипсовата крива во многу економии во светот.
На крајот, поттикнати од изнесените видувања и заклучоци, присутните на сесијата дискутираа за повеќе прашања и аспекти на темите на двата презентирани труда.
Следната сесија на Клубот на истражувачи ќе се одржи во март 2019 година.