Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров, преку својот ФБ профил ги прокоментира последните написи за него на Организацијата Викиликс , која пак тврди дека во два наврати бил заштитен извор на амбасадата на САД.
“Деновиве гледам извадиле стари информации објавени во 2010 година кои всушност потврдуваат дека конзистентно сум работел на исполнување на стратешките цели – НАТО и ЕУ членството – и сум комуницирал со САД, нашите стратешки партнери, во функција на остварување на државните интереси на Македонија. Истите партнери што во 2004 година, кога бев амбасадор во Вашингтон, го признаа уставното име на Република Македонија. Фактот што после цели осум години се злоупотребуваат истите информации, со обид за тенденциозна лична дискредитација за да му се наштети на заокружувањето на договорот од Преспа, токму во финалето на процесот, индицира дека зад овие игри се сили кои се против реализацијата на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија“, напиша Димитров на својот ФБ профил.
Инаку според организацијата која со години објавува тајни строго доверливи дипломатски преписки украдени од американските институции Димитров бил на листата на “заштитени” во 2008 година кога беше преговарач во спорот за името со Грција.