Желбата да станеме дел од големото евро-атлантско семејство, конечно, постапно се трансформира во реалност и сега од нас се бара да покажеме подготвеност и конечно да го отпочнеме процесот на интегрирање преку исполнување на стандардите во клучните сфери, рече министерот за внатрешни работи и заменик на претседателот на Владата на Република Македонија Оливер Спасовски на денешната конференција во организација на институтот Прогрес во соработка со Калеви Сорса фондација од Финска.
– Стратегијата за кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на Европската Унија со Западен Балкан со Акцискиот План претставуваат клучни документи на кои не гледаме како наметната обврска, туку се вистински патоказ како да продолжиме понатаму во остварување на стратешките реформи. Реформите се повеќе од неопходни со цел исполнување на обврските за членство во ЕУ, меѓутоа на реформите гледаме и како неопходност која на институциите и општеството, преку нивниот континуиран развој и надградба, ќе им овозможи да ја гарантираат демократијата, човековите права и владеење на правото. Веднаш по објавувањето на Стратегијата за кредибилната перспектива за проширување и зголемен ангажман на ЕУ со Западен Балкан, Владата на Република Македонија проектираше низа мерки, кои со реална динамика на реализација ги преточи во новиот реформски план, Планот 18 – рече Спасовски.
Високо на нашата агенда во новиот реформски план, Планот 18, рече Спасовски, секако дека е реформата на безбедносниот сектор, елиминирањето на заканите од тероризмот, борбата против организираниот криминал и корупцијата.
– Приоритетите веќе се имплементираат во пракса. Во ноември оваа година е етаблирана Оперативно техничка агенција, исто така донесен е пакетот закони неопходни за реформа на системот за следењето на комуникациите. Активно работиме на реализација на следната приоритетна точка од нашата агенда- реформа на разузнавачките и безбедносните служби. На овој клучен реформски процес му претходеа низа компаративни анализи, дебати,споделување искуства со нашите стратешки партнери. И овој реформски процес се спроведува на транспарентен начин, со обезбедување на инклузивност на сите релеватни чинители. За таа цел, Владата формираше работната група во која партиципираат претставници од државните органи на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија, претставници од судската власт и јавното обвинителство, претставници од Собранието на Република Македонија, Народниот правобранител, како и претставници од научната јавност и граѓанското општество. Врз основа на предлог на наведената меѓуресорска работна група, Владата го усвои моделот за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем со планот за негово воспоставување. Имплемантацијата на овој модел имплицира издвојување на Управата за безбедност и контраразузнавање од Министерството за внатрешни работи – рече Спасовски.
Во изминатиот период се презедоа исклучително важни активности кои во основа ги дефинираа контурите на новата Агенција за внатрешно разузнавање, но и активности како треба да се унапреди системот на координација меѓу безбедносно-разузнавачките служби. Пакетот на закони за имплементација на новиот модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем е веќе изготвен , објавен на ЕНЕР со цел запознавање на јавноста, по што ќе следи меѓуресорска консултација со засегнатите државни органи. Согласно утврдената агенда, во средината на наредниот месец, пакетот на закони ќе биде доставен до Владата.
– Активно сме посветени и на зајакната борба против организираниот криминал и тероризмот, што всушност е една од приоритетните цели утврдени во Стратегијата за кредибилна перспектива за Западен Балкан. Со јакнењето на координативните структури за борба против тероризмот и насилниот екстремизам, преку назначувањето на Национален координатор за борба против тероризам и спречување на насилен екстремизам, неговите двајца заменици и формирањето на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам обезбедивме структура која обезбедува поддршка и континуирано ја следи и анализира состојбата со насилниот екстремизам, радикализацијата и борбата против тероризмот. Добра основа за реализација на конкретните активности во оваа област се двата стратешки документи усвоени на почетокот на 2018 година – Национална стратегија за борба против тероризам и Национална стратегија за спречување на насилен екстремизам со акциски планови. Потребата да се делува превентивно во спречувањето на насилниот екстремизам и радикализацијата налага јакнење на улогата на локалните совети за превенција, поблиска соработка со локалното население, верските заедници, образовните институции, казнено поправните установи и младински организации. Како и за другите безбедносни предивици со кои се соочуваме, така и овде настојуваме да го применуваме начелото на проектирање на мерки за превенција, со цел да ги намалиме ризиците од тероризмот – рече Спасовски.
Свесни за потребата од заедничко и унифицирано дејствување, потенцира Спасовски, во октомври 2018 година потпишавме Заеднички акциски план за борба против тероризам во Западен Балкан, кој произлезе како резултат на заложбите од Самитот ЕУ-Западен Балкан одржан летово во Софија.
– Ефикасната борба против организираниот криминал и корупција, што е и еден од приоритетите утврден во Стратегијата, ја наметнува потребата од постојано зајакнување и унапредување на механизмите за борба против организираниот криминал, ослободени од политичките влијанија и притисоци. Мотивирани од потребата од имплементирање на највисоките европски стандарди кои ќе обезбедат спроведување на неселективна борба против сите облици на организираниот криминал, го воспоставивме Националниот координативен центар за борба против организиран криминал, кој е единствен од ваков вид во регионот и има за цел да ја олесни размената на информации и податоци помеѓу институциите кои партиципираат во неговото работење, а со тоа и да ги идентификува во рана фаза преклопувањата помеѓу институциите при превземањето на активностите согласно нивниот законски делокруг на работа. Резултатите се веќе видливи,што не уверуваа дека сме на вистинскиот пат – рече Спасовски.
Бенефитот од остварената соработка на национално ниво е видлив во повеќе сегменти од полициското работење преку сузбивање на организирани групи и водење заеднички истраги со надлежните институции. Пример за добра меѓуинституционална соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство е формирањето на Националната единица (TaskForce) за спречување на трговија со луѓе и криумчарење мигранти. Преку проактивното работење на оваа Единица повеќе од двојно во споредба со минатата година е зголемен бројот на идентификувани жртви на трговија со луѓе.
– Досегашното наше искуство не уверува дека не постои посветена борба против организираниот криминал ако од криминалците не се одземе неосновано стекнатиот имот. Во таа насока, пред нас ја поставивме целта за јакнење на националните капацитети за спроведување на финансиски истраги, паралелно со истрагите за организиран криминал, што во основа се основните постулати на Националната стратегија за водење на финаниски истраги која е усвоена од страна на Владата во февруари оваа година. За таа цел ќе формираме посебни, специјализирани единици за водење на финансиски истраги во МВР, Царинска управа, Финансова полиција и во истражните центри на основните јавни обвинителства. Длабоко сум убеден дека нашите напори ќе ја постигнат и вистинската цел: испорачување на конкретни, видливи резултати во борбата против организираниот криминал – потенцира Спасовски.
Исто така, досегашното искуство, рече Спасовски, не уверува дека меѓународната соработка е клучот за успешно сузбивање на организираниот и сериозен криминал. Искуството кое Република Македонија го има од учеството во заедничките истражни тимови е повеќе од позитивно, особено во делот на обезбедување докази бидејќи криминалните активности најчесто се извршуваат на територијата на две или повеќе земји членки. Заедничките истражни тимови се исклучително корисна алатка.
– Западен Балкан како регион кој повеќе пати во минатото беше зафатен во периоди на војни и конфликти, претставува едно критично подрачје од аспект на контролата на нелегалното оружје. Една од заканите со кои постојано се соочуваме е недозволената трговија со оружје. Мерките насочени против овој криминал се адресирани во Националната стратегија и Акцискиот планза контрола на мало и лесно оружје за периодот 2017-2021. Стратегијата е изготвена во корелација со најновите политики и сугестии на ЕУ и останатите партнери од областа. Освен тоа, посветени на зајакнување на регионалната соработка, на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Лондон во јули оваа година го усвоивме патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје/огнено оружје и муниција во Западен Балкан до 2024 година, Во насока на реализирање на стратешката рамка во борбата против компјутерскиот криминал на национално ниво Република Македонија донесе Национална стратегија за сајбер безбедност. Во овој стратешки документ е преточена визијата на Република Македонија за обезбедување на едно безбедно, сигурно дигитално опкружување – рече Спасовски.
Се движиме по добра насока, нагласи Спасовски, благодарејќи на одредниците дадени во Стратегијата за кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на Европската Унија со Западен Балкан и акцискиот план.
– Многу скоро очекувам дека ќе добиеме нови одредници, преку долгоочекуваниот почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, кои ќе придонесат кон континуирано реформирање, напредок и конечно усогласување со европските стандарди, со цел обезбедување поголема безбедност, а со тоа и подобар и поквалитетен живот за сите – рече Спасовски.