Скопје

(ВИДЕО) Дескоска : Очекувам целосна поддршка од Собранието за Законот за судовите

Министерката за правда, Рената Дескоска денеска одржа прес-конференција посветена на позитивното мислење од Венецијанската комисија за Законот за судовите.

Во своето обраќање министерката Дескоска истакна:

Сакам да информирам дека конечно после четири години ги имплементиравме препораките на Венецијанската комисија кои се однесуваат на Законот за судови.

Венецијанската комисија после оценска мисија во Македонија, во 2015 година усвои мислење со бројни забелешки и препораки кои се однесуваа на системот на дисциплинска одговорност и разрешувањето на судиите. По тоа мислење донесени се уште две мислења во 2017 и во октомври 2018 кои укажуваа на одреден напредок во имплементирањето на препораките.

По добивањето на мислењето во октомври оваа година, пристапивме кон процес на интензивни консултации со експертите на Венецијанска комисија за одредување на деталите на кои треба да обрнеме посебни внимание во драфтирањето на измените на законската рамка. Текстот кој Владата го усвои и го испрати во Собранието на Република Македонија го испративме на повторна потврда на Венецијанската комисија и вчера добивме одговор и оценка на нацрт законот кој е во собраниска процедура.

Во својот одговор Венецијанската комисија изразува задоволство од одличната соработка меѓу Владата и Венецијанската комисија. Во писмото се наведува дека предложените измени на Законот за судови се во согласност со препораките на Венецијанската комисија изразени во претходните мислења. Истакнуваат дека текстот на Законот за судови е сега многу појасен, внатрешно покохерентен и подобро го изразува европскиот пристап на одговорноста на судиите.

Во писмото се наведува дека нивните препораки се соодветно имплементирани. Единствена препорака која можеме да ја допрецизираме во законодавната постапка е воведување изрична одредба дека при укинување на суд, судиите кои би се трансферирале во понизок суд, треба да ја задржат платата која претходно ја примале.

Ова писмо денес ќе го испратам до претседателот на Собранието на Република Македонија да го сподели со пратениците. Во реформските приоритети кои ги добивме како задача во процесот на евроинтеграции, особено значајно место има позитивната оценка на Венецијанската комисија за Законот за судовите. Таа оценка ја имаме и официјално и очекувам сите пратеници кои го поддржуваат процесот на евроатланстаките интеграции на Република Македонија да дадат поддршка на предложените законски измени.

Клучните измени во овој закон се следните:

1. Се пооструваат критериумите за избор и напредување на судиите. Тоа е препорака која ја добивме од Европската комисија и која ја спроведуваме во овие измени.

2. Се овозможува судиите кои ќе бидат предавачи на Академијата за судии и јавни обвинители да ја извршуваат судиската функција во намален обем.

3. Се проширува листата на позиции заради кои може да мирува судиската функција и тоа: Ако судијата е именуван или избран за член на Судски совет на Република Македонија, судија на меѓународен суд, судија на Уставен суд, Јавен обвинител на Република Македонија, директор или заменик директор на Академијата за судии и јавни обвинители.

4. Се воведува можност судиите да работат до 67 години.

5. Како потешка дисциплинска повреда, за која може да се поведе постапка за разрешување на судија се утврдени:

потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување со која се нарушува угледот на судот и неговиот углед;
грубо влијание и мешање во вршењето на судиската функција на друг судија;
ако одбие да поднесе изјава за имотна состојба и интереси согласно закон или ако податоците содржани во изјавата во голема мера се невистинити или;
очигледно прекршување на правилата за изземање во ситуации во кои судијата знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за изземање предвидени со закон.
6. Како нестручно и несовесно вршење на судиската функција заради кое може еден судија да се разреши се подразбира:

ако во две последователни оценувања не ги исполнува критериумите за успешност во работењето, по вина на судијата без оправдани причини, за што е оценет со две негативни оценки, а согласно постапката утврдена со Законот за Судски совет на Република Македонија;
ако е осуден со правосилна судска пресуда на казна пониска од 6 месеци, а која е директен резултат на постапување во вршење на судиската функција, намерно или со свесна небрежност;
ако неовластено издава класифицирани информации, односно изнесува информации и податоци за судски предмети со што се повредува обврската за заштита на тајноста на постапката утврдена со закон и кога јавноста е исклучена согласно закон;
ако без оправдани причини не ги закажува рочиштата во предметите кои му се доделени во работа или на друг начин ја одолговлекува постапката;
ако не го зема предметот во работа заради што настапува застареност на кривично гонење или застареност на извршување на кривична санкција за кривично дело;
ако земе во работа предмет кој не му е распределен преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети во судовите;
ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на судијата.
7. При тоа како критериум при разрешување на судија, ќе треба да се води сметка за:

повредата е сторена со намера или очигледна небрежност по вина на судијата без оправдани причини и;
повредата предизвикала тешки последици.
8. Полесна дисциплинска повреда според законот се смета:

полесни повреди на јавниот ред или други полесни форми на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот и неговиот углед;
ja користи својата функција и угледот на судот за остварување на свои приватни интереси;
неисполнување на менторски задолженија;
повреда на правилата за отсуство од работа;
непосетување на задолжителните обуки или;
не носење судска тога за време на судењата.
9. За утврдена одговорност на судија, Советот може да изрече една од следниве дисциплински мерки:

писмена опомена;
јавен укор;
намалување на платата во висина од 15 % до 30 % од месечната плата на судија во траење од еден до шест месеца.
На крајот, уште еднаш повторувам дека очекувам целосна поддршка од Собранието на Република Македонија за донесување на овие законски измени.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток