Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Република Македонија во третиот квартал од 2018 година. Притоа, беше потенцирано дека и во третото тримесечје од годинава, банкарскиот систем ја задржа својата стабилност. Истовремено, при разгледувањето на Извештајот беше нагласено дека претпоследниот квартал од 2018 година се одликуваше со забрзување на растот на активата, што се должи и на кредитите на нефинансиските субјекти и на ликвидните средства. Во рамки на кредитите на нефинансиските субјекти, кредитите на домаќинствата придонесоа најмногу за кварталниот раст, и тоа пред сè оние во денари, што укажува на зголемена наклонетост на банките за овој вид кредитирање. Гледајќи од аспект на годишните промени, кредитирањето на нефинансиските субјекти на 30 септември 2018 година изнесува 8,3%, наспроти 6,5% на 30 јуни 2018.
Кредитниот раст беше поддржан и од солидниот раст на депозитите. Иако малку забавен на квартално ниво, годишната стапка на депозитниот раст заклучно со третиот квартал од 2018 година изнесуваше 10.9%, наспроти 9% на крајот на вториот квартал од годинава. Денарските депозити по видување од нефинансиските друштва и денарските и девизните депозити по видување од домаќинствата имаа најголем придонес за кварталниот раст на депозитите од нефинансиските субјекти.
Според податоците и согледбите презентирани во Извештајот, во текот на првите девет месеци од 2018 година, банките остварија позитивен финансиски резултат од работењето. Притоа, главен носител на подобрениот финансиски резултат се пониските трошоци за исправка на вредноста што ги одразува активностите на банките за наплата на нефункционалните кредити, пред сè во првиот и вториот квартал од 2018 година. Стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви достигнаа солидни нивоа, од 2,2% и 19,5%, соодветно. Оттука, растот на добивката се должи на влијанието на еднократни фактори, но и на редовните активности на банките.
Во усвоениот извештај, меѓу другото, е одбележано дека во третиот квартал од 2018 година, растот на нефункционалните кредити позначително забави, со што учеството на овие кредити во вкупните кредити на нефинансискиот сектор минимално се намали до историски најниското ниво од 5%. Нефункционалните кредити на домаќинствата забележаа раст, но забавен во однос на претходниот квартал, a во портфолиото составено од нефинансиските друштва, вкупните нефукционални кредити беа речиси непроменети.
На седницата на Советот беше потенцирано и дека, според Извештајот, ликвидносниот ризик во третиот квартал се намали како резултат на зголеменото учество на ликвидните средства во вкупните средства на банкарскиот систем, а стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 16,3%, што упатува на солидно ниво на солвентност.
Општо гледано, на седницата, при разгледувањето на Извештајот беше нагласено дека остварувања на банкарскиот систем во третиот квартал од 2018 година се солидни во целина. НБРМ и понатаму ќе ја следи состојбата и ако биде потребно, ќе преземе соодветни активности.
На денешната седница, Советот ја донесе и Програмата за работа на Народната банка на Република Македонија за 2019 година, којашто содржи детален преглед на планираните активности за претстојната годинa и е дел од остварувањето на стратегиските цели утврдени со Стратегискиот план на НБРМ за периодот 2019-2021 година. Во рамки на актите коишто се однесуваат на работењето на централната банка за следната година, Советот ги разгледа и ги усвои и Среднорочната програма за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија за периодот 2019 – 2020 година, Програмата за работа на оваа организациска единица на НБРМ за 2019 година, како и Годишниот финансиски план, Годишниот план за инвестиции и Годишниот план за јавните набавки за 2019 година.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.