Свет

(ВИДЕО) Гори зградата на парламентот во Кејптаун

Голем пожар избувна рано утринава во зградата на Парламентот во Кејптаун, Јужна Африка.

На видеото, како што јави Би-Би-Си, се гледа како облак од црн чад го исполнува небото, а од покривот на зградата излегува голем пламен.

Во пожарот нема повредени, изјави портпаролот на противпожарната служба на Кејптаун, Џермејн Карелси, пренесе АП.

Тој додаде дека во гаснењето на пожарот се вклучени повеќе од 35 пожарникари.

Причината за пожарот се уште не е утврдена.

Пожарот избувнал на третиот кат од зградата во канцеларискиот простор, изјави член на градската управа на Кејп Таун, Жан-Пјер Смит, пренесе Ројтерс.

Според Би-Би-Си, пожарот избувнал неколку часа по погребот на надбискупот Дезмонд Туту во катедралата Свети Џорџ, во близина на парламентот, кој се одржа во саботата.

Портпаролот на градската служба изјави дека се запалил покривот на зградата, а гори и зградата на Народното собрание.

„Пожарот не е локализиран, а забележани се и пукнатини на ѕидовите на зградата“, додаде тој.

На почеток