Македонија

ДУИ слави роденден без маски, Ковачевски прави прес без протоколи, ама само Пецаков доби кривична оти се самоизолирал

Кога петнаесет функционери на ДУИ ги прекршија протоколите за заштита од коронавирусот полицијата ги казни со парични казни од по 20 евра и 500 евра за домаќинот. Но, кога охридскиот градоначалник Кирил Пецаков не се самоизолирал бидејќи не знаел за одредбата и никој не го предупредил, ниту потпишал изјава – полицијата поднесе кривична пријава. Ова предизвика лавина реакции во јавноста, особено поради тоа што, Пецаков е првиот во земјава кој е вака гонет поради мерката за самоизолација. Протоколите за спречување на коронавирусот, десетици пати биле прекршувани дури и од државните институции.

„Скопје1“ побара објаснување од МВР зошто кривично го гонат Пецаков, бидејќи, ако не се самоизолирал, уредбата на Владата предвидува да плати само казна од 50 евра. Оттаму, не испратија одговор. Оттаму молк и на прашањето, зошто не ги гонеа петнаесетте функционери на ДУИ, кои спротивно на протоколите, му го славеа роденденот на Али Ахмети среде Министерството за политички систем без маски. Ако се оди според истите правила, тогаш и тие требаше да добијат кривична пријава за ’непостапување според здравствените прописи за време на епидемија’. За потсетување, сите функционери беа казнети со глоба од 20 евра, а Артан Груби како организатор плати дополнително 500 евра. Против никого немаше кривична од МВР.

Дури и во Владата, пред една недела, беше прекршен протоколот за заштита од вирусот и не беше обезбедена безбедна дистанца меѓу медиумските работници, додека премиерот Димитар Ковачевски даваше изјава. За ова, нема постапка, а најмалку кривична пријава од полицијата до Обвинителството. На дел од странските новинари, им беше дури и дозволено да седат без маски во салата на Владата, што исто така е кршење на протоколот.  Околу 30 сниматели беа стуткани едни во други, иако протоколите велат дека треба да има дистанца од најмалку 20 метри. Реагираше и ЗНМ.

Прекршување на протоколите во Владата, за време на прес на премиерот

Во деновите кога броевме четирицифрени бројки на нови случаи и двоцифрени бројки на жртви, високи владини преставници од претходната Влада и поранешни градоначалници, исто така не ги почитуваат протоколите како да се работи и постапува во ек на пандемија. „Телма“ во август објави и снимки на кои се гледа дека вицепрмиерот Фатмир Битиќи и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски даваат изјава без да обезбедат услови. Тие не добија кривична, ниту пак, парична глоба. На прес-конференција кај поранешната министерка за култура, Ирена Стефоска, немаше место за дистанца – што исто така не смее да се дозволи и е спротивно на протоколите. Одговорност – немаше.

Протоколите ги имаше прекршено и министерот за здравство, Венко Филипче, кој учествуваше во нивното донесување. Тој како организатор на настанот не обезбеди услови за поставување на микрофони или шахти за звук за да се избегне групирање, а новинарите беа стуткани едни во други. За ова, ниту една институција исто така не покрена постапка за казнување.

Според ова, само градоначалникот Пецаков одговара кривично поради непочитување самоизолација, што е различно од изолација, која ја испочитувал веднаш откако добил позитивен тест. Но, истовремено, единствен функционер гонет кривично поради корона протоколите.

На почеток