Свет

Детето-убиец од Србија првпат пред суд, сместен во специјална затемнета, стаклена „кутија“

Момчето (14) Коста Кецмановиќ, кое уби девет соученици и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“, ќе биде донесено во зградата на Специјалниот суд за да сведочи во постапката против неговите родители, како и против инструкторот на стрелиштето. Тоа ќе биде првпат Кецмановиќ да ја напушти психијатриската клиника по злосторството на 3 мај 2023 година.

Според информациите што ги има „Новости“, К.К., во придружба на психијатар, со возило на Брза помош ќе биде пренесен од клиниката до зградата на улицата „Устаничка“.

Во судницата ќе биде сместен во стаклена „куќичка“ за заштитени сведоци, која е затемнета, за да може директно да види сè, а никој да не го гледа. Судијата, обвинетиот, адвокатите и семејствата на неговите жртви ќе го гледаат на монитори и ќе слушаат преку звучници.

Со К.К. во судница, покрај споменатиот детски психијатар, ќе има и колизионен старател, кој му е одреден од Центарот за социјална работа, бидејќи е малолетник, но сам ќе седи во таа „куќичка“.

Улогата на психијатарот ќе биде да го набљудува додека сведочи и на крајот да интервенира и да побара пауза, доколку поради некоја причина не се чувствува добро.

Оштетените семејства на убиените и ранетите во делото ќе бидат поставени зад непробојно стакло во делот каде што седи јавноста во таа судница, што инаку е исклучено во овој случај, и во стаклениот дел пред нив, кој е одвоен со уште едно непробојно стакло од судницата каде се судијата и адвокатите ќе седнат обвинетите.

На почеток