Со вториот инвестициски бран од Планот за економски раст, Владата на Република Македонија поттикна инвестиции од 2 милијарди денари во проекти со ангажман од над 800 лица со просечна плата од 40.000 денари.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денеска на 65 домашни компании им доделија грантови за кофинансирање на проекти од вториот инвестициски бран, во рамки на првиот повик од Столб 3 од Планот за економски раст.
Посочувајќи дека досега повеќе од 130 компании од Македонија добија грантови за кофинансирање на нивните проекти, премиерот Заев истакна дека тоа е доказ дека Планот за економски раст во изминатата година не само што ја постигна, туку и ја надмина зацртаната цел. Премиерот Заев додаде и дека вкупниот износ на нови инвестиции во економијата само со втората група компании за финансирање е 824.828.614.00 денари, и дека со инструментот за поддршка – инструмент за подобрување на иновативноста, вкупно се ангажирани 323 лица, од кои 85 се ново вработени.
„Поддршката за отворање на центри за технолошки развој и иновации, којашто за првпат е воведена во Македонија, освен што во голема мера го поттикна технолошкиот развој, ја разбуди и креативноста на компаниите. Истовремено, македонските компании станаа поконкурентни на пазарите во регионот. Планот за економски раст создава економија со здрави и цврсти темели, а придобивките ги чувствуваат граѓаните, стопанството, како и целата земја. И затоа продолжуваме со засилено темпо“, потенцираше премиерот Заев.
Во своето обраќање пред присутните премиерот Заев истакна дека проектираната фискална политика за следната година, ќе обезбеди раст на македонската економија, социјална сигурност, а ќе го забрза и нашето пристапување во НАТО и интеграцијата кон Европската Унија.
„И натаму остануваме на нашата определба за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции, со буџет повисок за 37% во однос на ребалансот за 2018-та година. Предвидуваме 37 отсто повеќе пари за: зголемување на конкурентноста на приватниот сектор – преку мерки за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, за поддршка за создавање на нови вработувања, за поддршка на малите и средните претпријатија, за странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони и секако за субвенции за иновативната дејност, технолошки развој и истражување“, заклучи премиерот Заев.
Заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев нагласи дека продолжува да се остварува визијата на Владата, иновативноста и технолошкиот развој да бидат основа за раст на индустриското производство, продуктивноста и конкурентноста на македонската економија.
„Единствениот начин една економија да биде поконкурентна е компаниите да имаат пристап до современи технологии, да добијат знаења и вештини, тие технологии да ги користат и да поседуваат добри организациски способности. Во првите два сегменти Владата посветено помага на македонските компании и преку мерките од трите столба на Планот за економски раст оваа година обезбедивме финансиски средства за рекордна поддршка на околу 250 компании. Технолошкиот развој е иднината на нашата држава, за индустриски раст и повисоки стапки на БДП. Поттикнуваме зголемена продуктивност и конкурентност на македонските компании, со кои ќе се поттикне раст на извозот, на стапки од над 60% во учество на БДП, а со тоа ќе поттикнеме и побрз и одржлив економски раст“, нагласи Анѓушев.
Вицепремиерот додаде дека во наредните денови, во целост ќе бидат исплатени средствата за поддршка на компаниите преку првиот и вториот столб од Планот за економски раст, коишто реализирале инвестиции во 2017 година и коишто поднеле барање за исплата на финансиска поддршка.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски од своја страна посочи дека досегашните резултати покажуваат придвижување на домашната економија, но и дека компаниите се подготвени да вложат и свои средства во иновации и технолошки развој. Како што рече Деспотовски, само во вториот бран, компаниите во просек вложиле речиси иста сума сопствени средства како и државата.
„Со третиот столб од планот за економски раст во 2018-та година поттикнавме инвестиции во домашниот приватен сектор во износ од 2 милијарди денари. Она што особено радува е фактот што во овие проекти ќе бидат ангажирани над 800 лица со просечна плата од 40.000 денари. Поддршката за сите домашни компании ќе ја продолжиме и во 2019-та година“, истакна Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.