Скопје

Левица: Власта мора да ја поништи спорната продажба на земјиштето кај „Холидеј Ин”

Со одлуката на Министерството за транспорт и врски да продаде државно земјиште зад хотелот „Холидеј Ин”, сегашната власт даде јасно до знаење дека ја продолжува штетната политика на распродавање државно земјиште на приватен капитал за ниски цени.

Политичката партија Левица остро протестира поради тоа и бара итно поништување на спорниот договор со кое земјиштето беше продадено за цена далеку пониска од пазарната вредност (дури за половина износ!) и пренаменување на земјиштето за објекти од јавен интерес. Во таа насока, Левица ќе поднесе барање за поништување на незаконската продажба до Министерството за транспорт и врски. Покрај тоа, во престојниот период ќе иницира постапка на измени на Генералниот урбанистички план за конкретната парцела, со што во иднина ќе се спречи приватизирањето на овој простор заради остварување екстра-профити на поединци. Граѓаните се децидни во своите барања кои гласно и ги испорачаа на оваа власт: сакаат зеленило, слободен јавен простор и чист воздух, а не дивеење на градежната мафија и уништување на животната средина!

Наспроти тврдењата на министерот Сугарески дека биле принудени да го продадат земјиштето согласно Законот за градежно земјиште, во ниту една законска одредба од тој закон експлицитно не е наведена обврската дека државата е должна да го отуѓи земјиштето доколку приватно лице се стекне со 30 проценти од градежната парцела.

Дополнително, се работи за земјиште од Детален урбанистички план наследен од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, кој силно беше оспоруван од сегашната власт додека беше во опозиција. Впрочем, оваа сомнителната продажба е изведена според ДУП кој Општина Центар моментално го има ставено под мораториум заради утврдени неправилности и за кој беше најавено дека ќе претрпи значителни промени, со цел да се заштити јавниот интерес кој е нарушен во актуелниот ДУП. Се поставува прашањето, како владата на СДСМ продава земјиште водејќи се и повикувајќи се на криминалните, деструктивни проекти на ВМРО-ДПМНЕ, која самата ги оспорува како незаконски?

Покрај наведените неправилности во продажбата, законитоста на бизнис-зделката помеѓу Владата и приватниот инвеститор дополнително е доведена во прашање, ако се има предвид дека на продаденото државно земјиште е предвидена траса за подземен трамвај, односно предвиден е објект од јавен интерес. Во ваков случај, законот на кој се повикува министерот Сугарески предвидува продажбата на земјиштето да се врши според претходна одлука на Влада, која во конкретниов случај ја нема.

Станува јасно дека актуелната власт имала механизми да ја спречи спорната продажба со која се загрозени интересите на граѓаните и интересите на државата, но за оваа влада на СДСМ поважни се профит-интересите на мала група финансиски моќници, дури и кога штетите ги трпат мнозинството граѓани.

Законите и правниот поредок мора да ја изразуваат волјата на граѓаните и да ги штитат нивните интереси, а не интересите на мала група поединци кои се во тесна спрега со двете бизнис-ориентирани партии. И по две години од доаѓањето на власт, СДСМ не покажа никаква политичка волја да ги измени штетните закони со кои ВМРО-ДПМНЕ стана најбогата политичка партија во Европа. Напротив, ги користи и злоупотребува истите за да ги реализира своите профитерски и лукративни интереси за лично богатење, додека обичните граѓани и понатаму живеат во социјална беда, сиромаштија, загаден воздух и уништена животна средина.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток