Медведев: Економијата на Русија никогаш нема да пропадне поради санкциите
Руската економија никогаш нема да пропадне поради санкциите, изјави денеска заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
– Ги имаме сите можности за сопствен развој. Претходните санкции ни направија многу добро, принудувајќи нè да развиеме замена на увозот во сите сектори, вклучително и научно-интензивните, да развиваме нови технологии, производи и лекови – напиша Медведев на својот канал Телеграм, пренесе ТАСС.
– Нема да има колапс во економијата. Русија има многу доверливи партнери не само во постсоветскиот простор, туку и во Кина, Југоисточна Азија и африканските земји – истакна Медведев.
Тоа е огромен и перспективен пазар, кој не е конфликтен како европскиот, напиша тој и додаде дека резултатите од ова партнерство и соработка се сосема евидентни.
Според него, странските компании не сакаат да го изгубат рускиот пазар, туку се принудени да се повлечат од него под притисок на политичарите од нивните земји.