Свет

Борис Џонсон: Зеленски е како Черчил, Путин ја премина црвената линија

Пред заминувањето на самитот во Брисел, британскиот премиер Борис Џонсон гостуваше во британското радио, каде рече дека Путин веќе ја преминал црвената линија. Тој ја коментираше и можноста за преземање санкции за резервите на злато во Русија.

„Пред еден месец на денешен ден не знаевме дека Украинците така ќе се борат за својата земја. Целиот свет сега знае дека украинскиот народ ќе се бори за својата земја. Тие веруваат во својата земја. Ја сакаат својата земја и ќе ја бранат до крај. Тоа беше нешто што навистина не го знаевме пред еден месец. Сега е сосема јасно. Тоа ја промени геополитиката. Тоа значи дека имаме должност да им помогнеме. Имаме должност да им помогнеме да се заштитат себеси и своите најблиски. И така, Британија повторно ја засилува својата помош. Веќе испративме околу 4.000 противтенковски оружја. Ќе испратиме многу повеќе во следните неколку дена, уште 6.000 проектили и повеќе“, кажа Џонсон.

Путин ја премина црвената линија
„И она што ќе го кажам денес е дека Путин веќе го премина прагот на варварството во начинот на кој се однесува. Луѓето зборуваат за нови црвени линии за хемиско, биолошко, тактичко нуклеарно оружје или што и да е. За мене црвената линија е веќе помината. Бомбира, неселективно, цивилни центри. Предизвикува огромен број жртви кај сосема невини популации. Треба да направиме повеќе. Можеме ли да сториме повеќе за да го спречиме да ги користи своите златни резерви, на пример, покрај своите парични резерви? Колку повеќе притисок вршиме сега, особено на работи како златото, верувам дека тоа може да ја скрати војната“, рече тој.

Тој го спореди Зеленски со Черчил
Скај њуз го пренесува истото интервју, но истакнува дека Џонсон го споредил украинскиот лидер Зеленски со неговиот политички херој Винстон Черчил.

„Мислам дека претседателот Зеленски се покажа како многу извонреден лидер на својот народ – тој ги собра и беше нивниот глас“, рече тој.

„Тој знае, како што рече Черчил за себе, дека можеби не бил лав, но ја имаше привилегијата да рика. Украинскиот народ беше лав, а Зеленски ја изрази својата волја и чувството на пркос“, рече Џонсон.

На почеток