Мицкоски доби тужба против СДСМ на суд
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доби две тужби за клевета и навреда, едната поднесена против СДСМ, а другата против Љупчо Ристовски од Интегра.
Основниот граѓански суд Скопје пресудил во корист на Мицкоски во случајот со СДСМ поради објава која социјалдемократите ја имале на официјалната станица на партијата на Фејсбук, во кои од една го нарекуваат „пион на Мицкоски“.
Според судот, објава во која СДСМ напишале дека „Антизападниот пион Христијан Мицкоски е продолжена рака на криминалецот Никола Груевски“ согласно членот 6 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, претставува навреда. Мицкоски во случајот барал симболични едно евро надомест.
Исто така, како клевета за судот се и објави во кои пишувало дека „Мицкоски е пион кој се збогатил благодарение на неговиот шеф и ментор“, како и дека „Во 2015 година, Груевски му доделил на Мицкоски неговата фирма ’Енерготек ДОО‘ 33 000 квадрати метри државно земјиште за изградба на хидроцентрали“. Во истата пишувало и дека „Фирмата е 99% сопственост на Мицкоски, а не 7%, како што ја лаже јавноста“.
Уште една клевета, според Граѓанскиот суд, било пишувањето дека „Мицкоски му е вечен должник на Груевски. Тој мора да го штити и прави онака како што сака Груевски. Политиките на Мицкоски се политики на Никола Груевски“.
Со пресудата, судот му налага на СДСМ истата да ја објави во весник во рок од 15 дена од приемот, како и да му ги плати судските трошоци на Мицкоски во износ од 12 098 денари (200 евра) во рок од 15 дена од правосилност на пресудата.
Тужбата против Љупчо Ристовски од Интегра, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја добил поради изјави дека Мицкоски го продал името и бил уценет.
Двете изјави кои Основниот граѓански суд ги смета за клевета гласат:
„Во клучни историски моменти, ВМРО-ДПМНЕ и лидерството на ВМРО-ДПМНЕ беше против македонските национални интереси. Народот беше против референдум, а Мицкоски остави слобода да се изјаснат Заев побара референдум, го доби од Мицкоски“;
„Јас му реков на Мицкоски, излези јасно и гласно. Упати порака до членството, немојте да излегувате на референдум. Не ме послуша. Јас лично разговарав со него. Ќе ви кажам уште нешто. Недела пред уставните амандмани, бев кај него во канцеларијата и му реков заедно да излеземе. И Иванов на Црквата на чело. Триста илјади народ да кренеме на нога, дајте да го спречиме ова велепредавство. Знаете што добив одговор? Пред Бога Ви кажувам, јас сум уценет човек, не чекајте и не се надевајте на мене. Мицковски. Лично“.
И во овој случај, судот го задолжува тужениот да ја објави пресудата во весник, како и да му ги плати трошоците во износ од 33 927 денари во рок од 15 дена од приемот на пресудата.