Спасовски откри каде се криел осомничениот за убиството на Денис Тот
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва во емисијата „24 анализа“ рече дека првоосомничениот за бруталното убиство на ракометарот Денис Тот, Анџело Ѓорѓиевски, рано утрово се предаде откако полицијата опсежно го пребарала Скопје.
-Се предаде на тимот за потраги. Сите оперативни информации, толку стеснет простор, придонесоа по неколкучасовни активности на полицијата, тој да биде приведен во станицата во Аеродром, а потоа и спроведен во затворот Скопје, рече Спасовски.
Министерот додаде дека Ѓорѓиевски се криел во Скопје, „во еден објект“.
-Не е државна тајна, меѓутоа истрагите мора да ги водиме преку институциите. Сѐ она што можеме да го соопштиме, ќе го соопштиме, се она што не може, ќе го кажеме во наредниот период. Информациите што ги споделивме денеска се тие. Многу шпекулации имаше околу него, дека заминал од Македонија. Тој е фатен и изведен пред лицето на правдата. Сѐ е врз основа на факти и аргументи. Знаевме дека е тука и интензивно се работеше околу негово пронаоѓање, вели Спасовски.