Актуелно

Словенците денеска избираат нов парламент

Утрово беа отворени избирачките места во Словенија каде Словенците ќе избираат нов парламент.

Затоа се избира нова коалициска влада која, според анкетите, најверојатно ќе ја формираат актуелниот премиер Јанез Јанша или 55-годишниот менаџер Роберт Голоб.

Право на глас имаат речиси 1,7 милиони гласачи, кои ќе изберат 90 пратеници во новиот парламентарен состав од над 1.400 кандидати од дваесетина листи на политички партии и здруженија.

Излезноста на овие избори се очекува да биде поголема отколку пред четири години, кога гласаа помалку од 53 отсто од регистрираните гласачи.

„Мртвата трка“ ја предводат Словенечката демократска партија (СДС) на Јанез Јанша, која се обидува да обезбеди четврти мандат, и Движењето за слобода, кое пред изборите го формираше Роберт Голоб (55), истакнат менаџер кој раководеше со големата државна енергетска компанија ГЕН.

Неизвесна е и трката за трета најсилна партија, која ја водат Левица (8,8 отсто) и Социјалдемократите (8,6 отсто).

Демохристијанската Нова Словенија (7,8 отсто) сигурно ќе го помине прагот од 4 отсто, а на прагот се центристичката партија Поврзете Словенија (ПоС) и партиите на Аленка Братушек (САБ) и Маријан Шарец (ЛМС С), наведува Хина. Аналитичарите сметаат дека за стабилна идна влада во коалицијата треба да има најмалку три или четири партии со околу 55 пратенички места во новиот парламент.

На почеток