Во делови од Еквадор прогласена вонредна состојба
Претседателот на Еквадор Гиљермо Ласо прогласи 60-дневна вонредна состојба во три од 24 провинции во земјата, поради зголемувањето на криминалот.
Вонредната состојба вклучува полициски час во некои области и распоредување на илјадници припадници на безбедносните сили,
Околу 9.000 припадници на полицијата и војската ќе патролираат по улиците за време на вонредната состојба, додека на некои места полицискиот час ќе биде на сила од 23 до 5 часот наутро, прецизираат властите во вчерашното соопштение, пренесе Ројтерс.
Ова е втор пат Ласо да прогласи вонредна состојба за да се спротивстави на насилството што се зголеми од крајот на минатата година во Еквадор, а властите ги обвинуваат бандите кои шверцуваат дрога и ја користат оваа земја како транзитна точка за извоз на дрога во САД и Европа.
Вонредната состојба воведена од претседателот на Еквадор во октомври беше критикувана од Уставниот суд, кој го преполови траењето на 30 дена и најави дека армијата може да дава поддршка само во полициските операции, потсетува британската агенција.