Свет

Вооружен инцидент на границата на Таџикистан и Киргистан

Таџикистанските власти го обвинија соседен Киргистан дека предизвикува граничен конфликт, последен во серијата вооружени инциденти меѓу двете централноазиски држави.

Границата меѓу двете земји, тесно поврзана со Москва и со руските воени бази на нејзина територија, е слабо демаркирана, потсетува во извештајот на Ројтерс.

Таџикистанското Министерство за надворешни работи во петокот соопшти дека припадници на киргистанската армија намерно и илегално ја преминале границата во близина на селото Ворух.

Кога таџикистанските граничари ги предупредиле и побарале да ја напуштат странската територија, киргистанските војници одбиле и отвориле оган.

Таџикистанската гарда возврати, но двете страни се согласија на прекин на огнот, се вели во соопштението објавено од Министерството за одбрана на Душанбе.

Таџикистан тврди дека Киргистан го прекршил договорот со кој се предвидува да не се испраќаат редовно војници во пограничните области, додавајќи дека тоа е „неприфатлив потег што води до ненадејна ескалација на ситуацијата долж границата меѓу двете земји“.

По период во кој двете страни разменуваа оган два пати на ден, во април беше постигнат договор за реципрочно повлекување на воените сили од границата.

Најмалку 49 лица загинаа во борбите во април 2021 година, кои ескалираа поради слични гранични престрелки, според Ројтерс.

На почеток