Коронавирус

Се бара враќање на маските во Австрија

Поради новиот, летен бран на инфекции со корона вирусот, повеќето Австријци би сакале да се вратат на носење маски на јавни места.

Веќе со денови во Австрија се регистрирани меѓу 7.000 и 9.000 нови заразени, а се предвидува дека оваа бројка ќе продолжи да расте.

Истражувањето на јавното мислење на Институтот ОГМ покажува дека 55 отсто од Австријците би го поддржале враќањето на обврската за носење маски FFP2 на јавни места, како што се супермаркети, институции и јавниот превоз.

Од друга страна, 40 отсто се против, а пет отсто не сакале да коментираат на оваа тема.

Најмногу поддржувачи за враќање на обврската за носење маски има кај лицата постари од 50 години, бидејќи во таа возрасна група 66 отсто сакаат да ги вратат маските.
Само 47 отсто од оние помлади од 30 години го сакаат тоа.

Кога станува збор за партиите, 84 отсто од гласачите на Зелените би поддржале враќање на маските, а најмалку поддршка за маските има кај поддржувачите на Партијата на слободата (ФПО) со само 20 отсто.

Поради новиот бран корона, хаос настана во националната авиокомпанија АУА, која беше принудена да ги откаже летовите поради болест на екипажите.

На почеток