Актуелно

Рекордна стапка на инфлација во Црна Гора, во Бугарија највисока од 1998 година

Потрошувачките цени во Црна Гора се зголемени во јули за 14,9 отсто на годишно ниво, покажуваат новите прелиминарни податоци на Управата за статистика, Монстат.

Ова е исто така нова рекордна вредност од 2008 година, кога Монстат го објавува индексот на потрошувачките цени како меѓународна мерка за инфлација, како и од воведувањето на еврото во Црна Гора во 2002 година, кога движењето на цените на мало беше искористено за пресметување на инфлацијата, соопштува Bankar.me.

Ова е четврти последователен месец како во Црна Гора се забележува таканаречена галопирачка инфлација, односно двоцифрен раст на потрошувачките цени на годишно ниво, вели порталот.

Според новите податоци, од јули минатата година до истиот месец во 2022 година, најдрастично поскапување е забележано кај цврстите горива, за 49,9 отсто, потоа нафтата за 37,6 отсто и зеленчукот за 35,8 отсто.

Истовремено поскапеле лебот и житариците за 33,3 отсто, горивото за 32,2 отсто, млекото и јајцата за 29,3 отсто, услугите за сместување за 29 отсто, одржувањето на становите за 25,3 отсто, а медот и шеќерот за 22,6 отсто.

Значителен раст забележаа и цените на месото (16,6%), овошјето (14,1%), патниот транспорт (13,4%) и ресторанските услуги (10,3%).

Од друга страна, најмногу паднале водоснабдувањето, за 7,5 отсто, туристичките аранжмани за пет отсто, канализацијата за 4,8 отсто и аудио-видео опремата за 4,5 отсто.

На месечна основа, растот на инфлацијата во Црна Гора во јули изнесува 1,5 отсто.

Во периодот јануари-јули годинава, во однос на истиот период од 2021 година, потрошувачките цени се зголемени за 10,5 отсто.

Во Бугарија, годишната инфлација во јули забрза на 17,3 отсто

Годишната инфлација во Бугарија се забрза во јули, седумнаесетти месец по ред, и достигна ниво од 17,3 отсто во однос на 16,9 отсто во јуни 2022 година, покажуваат податоците на Националното биро за статистика.

Ова е највисоката стапка на инфлација од мај 1998 година, кога беше на ниво од 18 отсто, а земјата излегуваше од период на хиперинфлација, јавува БНР Радио Бугарија.

Најголем пораст во јули во однос на јуни забележале цените на забавата и културата од 7,4 отсто, а потоа на водата, струјата, природниот гас и другите горива за 5,2 отсто. Цените на патничкиот авиопревоз се зголемија за 31,7 отсто.

На почеток