Актуелно

Убиен градоначалник во Мексико и 16 други лица

Вооружени напаѓачи го убиле градоначалникот, неговиот татко и уште 16 лица во државата Гереро во јужниот дел на Мексико, соопштија властите, пренесува АП.

Обвинителството соопшти дека во средата во градот Сан Мигел Тотолапан загинале 18 лица, а уште двајца се ранети. Се вели дека меѓу загинатите се градоначалникот Конрадо Мендоза и неговиот татко, поранешен градоначалник на градот.

Полицијата соопшти дека вооружени мажи упаднале во градското собрание на Сан Мигел Тотолапан во средата околу 14:00 часот по локално време.

Сликите од местото на настанот покажуваат дека градското собрание е изрешетано со куршуми, пренесува АП.

Сан Мигел Тотолапан се наоѓа во регионот Тиера Калиенте, насилен дел од западно Мексико каде нарко картелите се борат за превласт.

На почеток