Актуелно

Путин најави продолжување на договорот за жито по истрага и гаранции

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека повторното приклучување на Русија кон договорот за жито е можно по истрагата за нападот на Севастопол и безбедносните гаранции на Украина, соопшти прес-службата на Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.

– Неопходно е да се спроведе детална истрага за околностите на обидот за напад врз инфраструктурата и бродовите на Црноморската флота во Севастопол, како и да се добијат реални гаранции од Киев за строго придржување кон Истанбулските договори, особено не -користење на хуманитарниот коридор за воени цели. Дури потоа би можело да се размислува за продолжување на активностите во рамките на Црноморската иницијатива – се наведува во соопштението за печатот на Кремљ, пренесува ТАСС.

Претседателот на Русија потсети и дека не е исполнет вториот дел од пакетот договор, кој требаше да го деблокира извозот на руски земјоделски производи и ѓубрива на светските пазари.

Ердоган му рекол на Путин дека Турција продолжува да ги презема неопходните чекори за решавање на проблемите поврзани со спроведувањето на договорот за жито.

Русија во саботата објави дека го суспендира учеството во договорот за жито по нападот во Севастопол врз воените бродови на Црноморската флота и трговските бродови ангажирани за обезбедување на коридорот за жито.

Договорот што го постигнаа Украина и Русија на 22 јули во Истанбул, со посредство на Обединетите нации и Турција, резултираше со извоз на неколку милиони тони прехранбени производи од пристаништата на Црното Море во Украина.

На почеток