За да отидат на средба со премиерот, ги тргаат автобусите од Илинденска: Од утре нема блокади од приватните превозици


Приватните превозници ги тргаат и последните блокади кои ги имаат во Скопје, на булеварот „Илинденска“ пред бараките на Градот. Одлуката дојде откако премиерот Димитар Ковачевски им кажа дека нема да ги викне на состанок се додека не ги тргнат автобусите од улиците, па им порача дека јавниот простор не е нивни туку на граѓаните. Ленин Јовановски, претставник на „Слобода превоз“, а во име и на „Макекспрес“ кажа дека институционално ќе го решаваат проблемот.
„Од адвокатите сум известен дека е закажано прво рочиште за долгот на 9-ти февруари, нешто што е прилично далеку. Не сме среќни што оваа работа треба да ја решаваме на суд. Се надеваме дека во меѓувреме, ќе направиме спогодба за тој долг да се исплати пред овие рокови“, кажа Јовановски.
Тие го прифаќаат условот на Ковачевски да се тргнат сите автобуси на „Илинденска“ и му кажа: „Не станува збор за притисоци и закани, туку протестот се одвива на начин на кој превозниците сметаат дека можат да ги заштитат своите права“.
„Доставено е барање до Град Скопје и службите да го повлечат известувањето за раскинување на договорот на Слобода превоз врз основа на правни аспекти на кои се повикуваме и да се примени одредбата каде за секој спор, да има работна група, па да се обидат спорот да го решат меѓу нас, пред да оди на суд“, додаде тој.
Документи ќе бидат однесени и во Владата, од која средба со премиерот Димитар Ковачевски, очекуваат решение за проблемот.
