Македонија

Обвинетите за убиство на кучето бегаа од граѓански активисти кои бараа правда за Феликс

Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски, кои ги зовреа социјалните мрежи, денеска влегоа во судница како обвинети за бруталното претепување на кучето Феликс.
Феликс, кој беше претепан во ноември и покрај сите обиди за негово спасување, угина по два месеци.

Љубе и Бранко се товарат за кривичното дело убивање и мачење животни. Судењето се одложи затоа што еден од обвинетите и неговата одбрана го немале примено обвинителниот предлог, ниту пак решението за одлука за предложената мерка за обезбедување присуство.

Уште за време на судењето, граѓански активисти за заштита на животните протестираа пред Кривичниот суд. Со транспаренти во рацете побараа правда за Феликс.

Јавноста се подели и различно реагираше заради насилниот револт на една група кон обвинетите. Состојбата ескалираше по завршувањето на рочиштето, кога двајцата обвинети излегоа од судот од споредниот влез, а активистите кои протестираа почнаа да ги бркаат, упатувајќи им погрдни зборови. Љубе Крстевски бегаше од разбеснетите активисти и едвај успеа да се спаси.

Ново рочиште за овој случај е закажано за 13 март.

На почеток