Пензиите за март повисоки за 2.500 денари, од септември усогласување по старата методологија


Пензионерите на 1 април ќе добијат нов, втор раст на пензиите за 2.500 денари. Линеарното покачување се однесува на мартовската пензија. До Собранието веќе е доставен Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој Владата предлага да се донесе во скратена постапка.
Со ова ќе се изврши усогласување на пензијата на корисници на пензија на кои им се исплаќа во Република Македонија.
Притоа, зголемувањето на пензиите од 5.000 денари направено лани во септември и годинава ќе влезе во месечниот износ на пензијата за која ќе се пресметува наредното усогласување на пензијата во септември.
Според новите измени, усогласувањето на старосната пензија која се исплаќа во земјава ќе се врши по старата методологија, односно според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50%.
Пензиите ќе се усогласуваат како и досега на 1 март и на 1 септември секоја година и тоа според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во државата во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика. Во случај кога порастот на трошоците на живот се намалени, односно се со негативен предзнак, нема да се врши усогласување на пензиите.
„Во новиот Буџет се предвидени зголемувања, сега во мартовската пензија, односно која што ќе биде исплатена почетокот на април. Со што се заокружува она ветување, дека во првата година, линеарно пензиите ќе бидат зголемени за 5.000 денари. Ние за девет месеци еве тоа ќе го направиме, и мислам дека пензионерите се задоволни од оваа мерка, и мислам дека на некој начин успеваме тие пензионерски денови да ги олесниме како Влада, и ќе продолжиме во таа насока да работиме и во иднина. Повеќе од 300.000 пензионери ќе го добијат тоа покачување со мартовската пензија“, изјави претходно премиерот Мицкоски.
