Свет

Петмина германски полицајци обвинети за смртта на тинејџер од Сенегал

Обвинителството во Германија денеска соопшти дека пет полицајци се обвинети за смртта на тинејџерот од Сенегал кој беше убиен минатата година.

Германската новинска агенција ДПА јави дека полицаецот кој испукал истрели е обвинет за убиство од небрежност, додека неговиот претпоставен е обвинет за поттикнување опасна телесна повреда, а уште тројца полицајци се обвинети за опасна телесна повреда, пренесе АП.

На 8 август 2022 година, полицијата била повикана по инцидент во дом за згрижување во западниот град Дортмунд, бидејќи 16-годишен бегалец, наводно, се заканил дека ќе се повреди со нож.

Полицајците тврдат дека тинејџерот, идентификуван како Мухамед Драме, се стрчал кон нив со нож, по што употребиле бибер спреј и два тазера пред да го застрелаат со автоматски пиштол.

Јавниот радиодифузен сервис ВДР ги цитираше обвинителите во Дортмунд дека веруваат дека операцијата била „непропорционална од самиот почеток“.

Инцидентот предизвика дебата во Германија за полициското насилство врз малцинствата и нивното постапување со случаи во кои се вклучени лица со ментална болест.

На почеток