Од први јануари 2024 година цел Клинички ќе има само еден директор, најави министерот за здравство
Министерот за здравство Фатмир Меџити подготвил план за работа со кој од први јануари 2024 година се укинуваат организациските директори, популарно наречени економски директори на секоја од клиниките во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Само што не се случило укинувањето на економските директори кажуваа и неговите претходници Беким Сали и Венко Филипче, но мандатите им истекоа, а директорите останаа.
„Готова ми е информацијата до Влада. Од првиот ден напорно работам за овој проблем за еднаш засекогаш да се постават работите на Клинички како што треба и тој да функционира многу полесно, поадекватно и поефективно. Информацијата е готова, во договор со Фондот за здравствено осигурување, оти пресметките се прават со почетокот на новата година , најверојатно се очекува од први јануари 2024 година да почне да функционира еден Клинички центар со еден генерален директор. За модалитетите ќе се договориме. Ќе се укинат организациските директори на клиниките. Едвај чекам тоа да се случи, нема повеќе да имаме загубари кои не знаат што работат. Ќе се прават набавки со цел поголемо количество-пониска цена“, рече министерот Меџити.